Германија во 2016: година која Меркел одвај ја протурка
31 декември 2016Годината почна многу лошо. По масовните сексуални напади врз жени во новогодишната ноќ во Келн, како напаѓачи беа идентификувани главно млади луѓе од северна Африка. Расположението во земјата поради бегалската криза, веќе наелектризирано, дополнително се влоши. Пропустот на безбедносните служби стана синоним за државата која веќе не е во состојба да ги заштити своите граѓани од насилство. Таквите паушални оценки секако се бесмислени, но влијаат врз натамошно растење на несигурноста.
Пред самиот крај на годинава, кратко пред Божик, се случи голем шок: напад врз берлински божиќен пазар. Атентаторот, исламист, со камион влета во маса луѓе. Дванаесет луѓе го загубија животот, 50 се повредени, некои од нив се во животна опасност. Тоа е негативниот врв на цела низа исламистички напади, меѓу кои оние летоска во Вирцбург и во Ансбах.
Страшна димензија имаше и нападот во Минхен во јули, со девет настрадани. Тогаш медиумите и политичарите прерано зборуваа за тероризам. Омразата и насилството на своја кожа ги почувствуваа и бегалците: често беа подметнувани пожари во бегалските домови. Движењето Пегида, непријателски настроено кон странците, и натаму беше активно. Во такво опкружување и политичарите имаат проблем да се чуе нивниот глас. Општествениот дискурс е затруен. И највисоките државни функционери се најдоа на удар на навреди и клевети.
Неслога на Денот на обединувањето
Синтагмата „лажлив печат“ сѐ почесто беше употребувана на протестите, како и на интернет. На прославата на 26-годишнината од германското обединување, 3. октомври во Дрезден, гласно малцинство ги навредуваше канцеларката Ангела Меркел и претседателот Јоахим Гаук. Зачестено се зборуваше за т.н. гневни граѓани. Партијата Алтернатива за Германија, АфД, нивните стравови вешто ги претвора во политички поени.
Партијата која постои од 2013 година, оваа година влезе во парламентите на пет покраини, удвојувајќи го така своето политичко присуство. АфД во Саксонија-Анхалт со 24,3 проценти освоени гласови стана втора според сила партија, по ЦДУ (29,8). Поради јакнењето на АфД, формирањето покраински влади станува покомплицирано. Навистина, и натаму постојат коалиции од две партии (Баден Виртемберг, Мекленбург-Предна Померанија), но и коалиции со три партии (Берлин, Рајнланд Пфалц, Саксонија-Анхалт).
Бидејќи никој не сака соработка со АфД, одеднаш има констелации какви досега немало. Така во Саксонија-Анхалт на власт е демохристијанскиот премиер Рајнер Хазелхоф заедно со коалиционите партнери СПД и Зелените. Во Баден Виртемберг премиер е Винфрид Кречман од Зелените, во коалиција со ЦДУ. Во Рајнланд Пфалц коалиција формираа Социјалдемократите, Зелените и Либералите, а ја предводи Малу Драјер од СПД.
Во Берлин прва црвено-црвено-зелена коалиција
Кога сме веќе кај Либералите (Партијата на слободни демократи): на нивното отсуство од парламентот, барем во Берлин и во Рајнланд Пфалц, му дојде крај. Овие успеси им даваат надеж дека по изборите во 2017. година по четиригодишно отсуство ќе се вратат и во Бундестагот. Шефот на ФДП Кристијан Линднер, водач на опозицијата во покраинскиот парламент во Северна Рајна Вестфалија, сака мандат во Бундестагот.
Многу нешта зборуваат во прилог на тоа дека во идниот состав на Бундестагот наместо четири, ќе има шест партии. Според актуелните анкети на јавното мислење, кои последниве месеци се релативно стабилни, за коалиција нема секогаш да бидат доволни три партии. Триото СПД, Левица и Зелени, кои однеодамна се на власт во Берлин, според сегашната состојба, не би имало мнозинство во Бундестагот. Во последно време овие партии сепак зачестено разговараат меѓусебно околу тоа кои им се сличностите, а кои разликите. Желбата да се спречи повторно формирање голема коалиција од ЦДУ/ЦСУ и СПД, во редовите на црвено-црвено-зелените е поголема од било кога.
Сепак, се осудувам да предвидам уште една црно-црвена коалиција. На крај на краиштата, нивниот заеднички кандидат, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, во февруари ќе го замени Јоахим Гаук на функцијата претседател на државата. Неговиот избор се смета за целосно извесен, зашто Социјалдемократите и ЦДУ/ЦСУ располагаат со мнозинство. Изборот на Штајнмајер е резултат на неуспешното барање кандидат од страна на конзервативците. Кандидатот кои тие го посакуваа, претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт, ја одби функцијата.
Името на Штајнмајер се врзува за континуитет и доверливост. Тоа може да се сфати и за сигнал. Зашто, именувањето за најважна државна функција во германската историја секогаш било поврзано со владејачки коалиции кои се насетуваат или кон кои се тежнее. А со оглед на тоа што црно-зелена коалиција, како што сега стојат работите, не би имала мнозинство, сѐ пореално е формирање трета голема коалиција на чело со Ангела Меркел, по оние од 2005. и 2013. година.
Опомена за шефицата на ЦДУ
Непосредно пред партискиот собир на ЦДУ на почетокот на декември во Есен, канцеларката Ангела Меркел изрази подготвеност за повторна канцеларска кандидатура. Нејзината партија длабоко се издиши, кого инаку би го пратила во трка? При повторниот избор за шеф на партијата,Меркел мораше да се задоволи со поддршка од 89,5 проценти, што спаѓа во нејзините послаби резултати. Поддршката која ја доби пред две години изнесуваше 96,7 проценти. Причината за падот е нејзиниот спорен курс во бегалската политика.
Најжестокиот противник на Меркел е во Минхен. Острите критики на лидерот на Христијанско-социјалната унија, баварскиот премиер Хорст Зехофер на сметка на шефицата на владата се една од годинешните константи. Меркел и нејзината ЦДУ не можат да сметаат на безусловна поддршка на својата сестринска партија на изборите за Бундестагот во 2017. година. Зехофер инсистира на воведување горна граница за прифаќање бегалци, на што Меркел се противи. Затоа Зехофер го доведува во прашање дури и учеството во идната влада.
Доаѓа Шулц
Со такви закани, оваа бурна 2016 година се ближи кон крај. Навистина, канцеларката нема да ја мачат несоници поради рикот на баварскиот лав. Повеќе ќе ја загрижува вицеканцеларот Зигмар Габриел. Шефот на СПД важи за нејзин потенцијален противкандидат. Но, СПД својот кандидат ќе го претстави дури на крајот на јануари. Дали тоа ќе биде Мартин Шулц? Бившиот претседател на Европскиот парламент од 2017. година преминува во германската политика, каде може да стане министер за надворешни работи по Штајнмајер.
Со соодветен резултат, дуото Меркел-Шулц по изборите би можело да има четиригодишна соработка. Тоа би било можно дури и без поддршката од ЦСУ. Иако, никогаш досега не се случило тотално разијдување на сестринските партии.