1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го прокоцкува корона-успехот

28 август 2020

Како во моментов изгледаат важечките корона-правила во Германија? Тешко е да се каже. Јасност не донесе ниту средбата на канцеларката со покраинските премиери, оценува Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/3hcNg
Deutschland | Coronavirus | Konzert Tim Bendzko
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Едно да разјасниме однапред: И сега, когабројот на новоинфицирани се зголемува, Германија во споредба со другите земји се’ уште стои добро во справувањето со корона-кризата. Во секој случај подобро од Франција, Шпанија или Италија. А, за САД и да не зборуваме. Обврската за носење заштитни маски е прифатена од поголемиот дел на населението, таа е составен дел на сите напори во борбата против пандемијата. А тоа е особено така откако на луѓето им станува се’ појасно дека маските уште долго ќе бидат дел од секојдневието, можеби и со години.

Инаку, политиката се сопка во федерализмот,во многуте, честопати спротивставени, одредби. Различни казни во покраините за оние кои не носат маска е голем проблем за политиката, кој создава сомнеж во нејзината веродостојност. Со право премиерот на покраината Бранденбург, Дитмар Војдке, праша: Што би требало да си помисли патник во воз кој минува низ повеќе покраини и со тоа низ повеќе зони со различни казни? Тоа што сега е договорена минимална казна од 50 евра за цела Германија е од мала помош, доколку повеќето покраини имаат предвидено повисоки казни - Берлин на пример до 500 евра. Деликтот е насекаде ист. Саксонија Анхалт пак воопшто не сака казни. Никој не сфаќа како е можно такво нешто.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Целосна збрка

Иритирачки се и правилата за летувалците. Прво со голема медиумска присутност се дава наредба за обврска за тестирање за летувалците кои се враќаат од ризични региони, а тестот треба да е бесплатен. Потоа има проблеми при тестирањето. Во Баварија стотици позитивни летувалци со денови не се информирани за тоа. И, конечно, одговорните стануваат свесни дека има малку смисла да се биде задоволен само со тест кој ќе даде моментална слика на состојбата, кога времето на инкубација е многу подолго. Сега се издава команда за рикверц, се воведува обврзувачки карантин од пет дена. Транспарентност и јасност изгледаат поинаку. Иста е и сликата во сите училишта - ту маската е генерално пропишана, туку треба да се носи само во училишната зграда, но не и на настава. Се’ зависи од покраината. Тоа е тешко подносливо.

Покраините отсекогаш, сеедно за која тема станува збор, гледале со љубомора на своите компетенции. И во покраините на власт се политичари кои сакаат да бидат реизбрани. Драстични корона-чекори, како во Баварија, се тешко сфатливи за Мекленбург Предна Померанија, кога таму речиси и нема инфицирани. Но, несигурноста одамна е присутна во цела земја со оглед на спротивставените одредби и правила. Честопати е тешко да се открие што всушност на кое место во тој момент е на сила. И, секојдневно стигнуваат информации за новоинфицирани, но секогаш следува тврдење дека здравствениот систем се справува со тоа.

Колку пандемијата трае подолго, толку поважни стануваат јасноста и уедначеноста. Сојузната влада постигна согласност со покраинските премиери за неодржување на фестивали и поголеми концерти до крајот на годината. Но, дали тука се опфатени и божиќните панаѓури и почетокот на карневалот на средината од ноември е прашање за кое ќе се дискутира подоцна. Саксонија, како што се слуша, стравува за познатиот божиќен панаѓур во Дрезден. Луѓе драги!

Тешко сфатливо

Сето ова се случува во време, во кое за луѓето е се’ потешко да го сфатат корона-секојдневието. Строги корона-правила во компаниите и институциите, многу работници се мачат речиси половина година со работа од дома. Обидете се да посетите некој постар роднина во болница според корона-менаџмент, или да поднесете барање за нов личен документ. Тука корона-правилата се покажуваат како речиси несовладлива пречка. Истовремено, погледнете надвор: маските, како што рековме, се сеприсутни, но што е со дистанцата? Германците повторно имаат голеаи семејни прослави, младите прават забави по парковите наместо во клубовите. Се’ поголем распад.

Светот ни завидува на здравствениот систем, на ефикасните институции. Големото постигнување на германската политика во пандемијата досега беше успехот да го увери големото мнозинство од населението во неопходноста од делумно драстични мерки. Тоа не смее да се прокоцка со потези на ситно. За жал, на тој пат сме.