Контроли на германските граници: „Луѓето се подготвени“
3 август 2021Уште еден час до германско-полската граница, која се наоѓа 80 километри западно. Возот Еуросити од Варшава застанува во полското гратче Збоншинек, кое има 5000 жители. Возот е речиси празен, малкуте патници речиси се изгубени во вагоните. Се качуваат Клара Томашкевич и нејзиниот пријател Фабио. Двајцата се од Виена, биле во Полска во посета и упатени се кон Берлин. Ги очекува возење во траење од околу два часа.
Двајцата знаат дека сега, во рамки на ЕУ, каде инаку нема граници, може да им биде побарано да го докажат својот корона-статус. Така е и во овој воз. Досега вакви контроли се вршеа само на аеродромите, а од викендот полицијата проверува и во железничкиот и автомобилскиот сообраќај. Двајцата Австријци не протестираат поради тоа.
Повеќе: Германија ги заостри мерките за влез на невакцинирани патници
„Добро е што се вршат контроли“
Клара Томашкевич за ДВ вели: „Мислам дека мерките се добри. Добро е што се вршат контроли. Ако веќе се вршат контроли, тогаш тоа треба да се прави при сите видови влез во земјата.“ За двајцата тоа не е проблем, зашто се целосно вакцинирани. И Фабио, кој не сака да го каже презимето, се согласува со заострените мерки: „Мислам дека тоа е добро, пред сѐ ако се има предвид како соседните земји на Германија се однесуваат кон корона-мерките. Овде, во Полска, многу луѓе не носат маски, а стапката на инфекција од страна на владата се опишува како главно ниска.“
Слушнале ли дека многу медиуми во Германија информираат дека со заострените правила, од кои се погодени пред сѐ лицата кои се враќаат од патување, би требало да се подигне подготвеноста за вакцинирање во земјата, која во последно време спласнува? Клара Томашкевич е изненадена: „Не го сфатив тоа на тој начин. Сметам дека тоа е директна превентивна мерка. Мислам дека има други методи за луѓето да бидат поттикнати да се вакцинираат.“ Такви се, на пример, обврската за вакцинирање на вработените во здравството и кога се има контакт со ризични пациенти, како што е тоа случај во Франција. Германската влада досега одбива воведување вакви мерки.
Повеќе: Кој сега смее да допатува во Германија?
Патниците се подготвени
Заострените правила за влез важат од викендот. Воведени се поради зголемениот број на инфицирани, кој се должи пред сѐ на Делта сојот на коронавирусот. И, поради оценката на виролозите од институтот „Роберт Кох“ дека бројките се зголемуваат пред сѐ поради лицата кои патуваат. Можеби е сѐ уште рано за сојузната полиција да се праша како одат контролите, но полицискиот комесар Андре Белендорф, надлежен за односи со јавност во Инспекцијата во Франкфурт на Одра, сепак дава првична оценка.
Тој за ДВ вели: „Овде целно им се обраќаме на луѓето, потребни им се или доказ дека оздравеле, дека се целосно вакцинирани или тест. Досега имаме добри искуства. Повеќето се многу добро подготвени за новата ситуација и се имаат информирано преку медиумите.“
Љубезно упатување до следниот центар за вакцинација
А, ако тоа не е случај? „Тогаш на таквите лица им укажуваме каде може да се тестираат во регионот. И, може да ги информираме и надлежните служби за тие од лицето да бараат да се тестира. Но, потоа со тоа ние веќе немаме врска.“
Во екстремни случаи има и казни, но прво љубезно се укажува на патот до најблискиот центар за тестирање. Такви информации доаѓаат и од други региони. Белендорф додава дека овие правила не важат за многуте граѓани западно и источно од границата кои патуваат до работното место. „Тие, како и порано, мора да се тестираат двапати неделно и тие тестови да ги имаат кај себе.“ Тоа важеше и претходно.
Повеќе: Награда – пржен колбас, предизвика навала за вакцинирање
Надлежните јавуваат дека контролите досега минуваат без проблеми и во другите региони. Весникот „Минхнер Меркур“, на пример, цитира портпаролка на сојузната полиција во баварскиот град Розенхајм, на границата со Австрија: „Кога ќе се приближиме до возилата, могумина веќе ги имаат в раце документите и пред да им бидат побарани.“
Репортерот на ДВ беше малку препретпазлив. Во неделата доби документ за негативен тест од центар за вакцинација во Берлин, замина кусо во Полска и се врати назад. Зашто, ако буквално се толкуваат правилата, и во таков случај сте лице кое се враќа од патување, или? Но, кратките патувања, кои траат помалку од 24 часа, не потпаѓаат под новите правила.