1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Локдаунот продолжен, за Велигден дури и заострен

Кај-Александер Шолц | агенции
23 март 2021

Бидејќи бројот на инфекции повторно расте, за Велигден нема да има ублажување на рестрикциите во Германија - напротив. Велигден практично е откажан. А, многумина се надеваа на кратко празнично патување.

https://p.dw.com/p/3qzLW
MPK Merkel und Müller zu Coronavirus-Lockdown
Фотографија: Jesco Denzel/Bundesregierung/dpa/picture alliance

Локдаунот поради коронавирусот во Германија, кој е во сила од ноември, ќе биде продолжен за уште четири недели, односно до 18 април. Ваква одлука донесоа канцеларката Ангела Меркел и премиерите на 16-те сојузни покраини. Периодот е посебен - ги вклучува и велигденските празници на почетокот на април. Покрај религиозното значење што празникот го има за христијаните, Велигден е класично време за патување и посета на семејства во Германија. Но, сега Германците се повикани, што е можно повеќе да се откажат од тоа.

„Имаме нова пандемија“, рече Ангела Меркел на прес-конференција нешто по 3 часот изутрината, по 12-часовниот самит со покраинските премиери. „Мутациите надвладеаја. Тие се многу посмртоносни и многу позаразни. Претходниот успех беше изеден“, пластично објасни канцеларката. Сега мора да се спречи голем раст на инфекциите, бидејќи така се зголемува веројатноста да се формираат нови мутации. Подолго е и потешко отколку што мислевме“, изјави Меркел.

Германија соочена со трет бран коронавирус

Супер-локдаун наместо краток одмор

Од први до петти април во Германија ќе важи строго ограничување на контакти и забрана за собирања на јавни места. Велики четврток и саботата за католичкиот Велигден се дефинирани како „денови за одмор“. Ќе останат отворени бензинските пумпи и некои „одредени“ компании ќе можат да работат, рече канцеларката Ангела Меркел.

Повеќе:

-Ковид во Германија: Мрачно расположение, но и надеж

-Германија– земја на луѓе без храброст во Ковид-кризата 

-Бројките растат, лекарите од интензивна нега бараат строг локдаун во Германија

Приватни средби се дозволени - со најмногу 5 лица од две домаќинства. Не се сметаат децата до 14 години, а двојките (невенчани) се сметаат како едно домаќинство. Што се однесува до продавниците, ќе важат слични правила како во недела и на празник. Во четврток, 1 април, сѐ ќе биде затворено. „Во сабота (3.4.) ќе бидат отворени само супермаркетите, односно продавниците со храна.“

Што се однесува до верските обреди, договорено е сојузната и покраинските влади да се обратат до верските заедници со молба „велигденските миси и останатите верски случувања да не се одржуваат во црквите. Христијаните да го слават Велигден по видео-пат, Евреите да не ја слават Пасха во синагогите, муслиманите да не одат во џамија на молитва во петок“.

Нема гаранција дека по Велигден (6.4.) овој строг локдаун ќе биде укинат. „Ќе бидат можни ублажувања на мерките ако бидат исполнети критериумите за отворање според одлуката од 3. март 2021“.

Тоа значи дека предуслов за отворање се ниски стапки на инфекции. А тоа, е малку веројатно. Фирмите ќе треба да обезбедат да се намалат контактите што е можно повеќе. Ако тоа не е возможно, треба да понудат тестови за вработените.

Во заклучоците се зборува за „доброволна посветеност на земјоделските здруженија за понуда на тестови за вработените, како и примена на уредбата за заштита на работно место од САРС-КоВ-2“. Треба да се понудат тестови најмалку еднаш неделно. Освен тоа, би требало и натаму да има финансиска помош, меѓутоа, не се наведени сите детали.

Во одлуката за училиштата и градинките е нагласено дека ќе има повеќе тестови за вработените и оти цел е што поскоро да се понудат по два теста неделно.

Сѐ покритичко расположение кај граѓаните

Првите рестриктивни мерки поради пандемијата на коронавирусот беа спроведени пред една година - тие и правилата воведени во наредните месеци, тогаш добија широка поддршка кај населението. Но, сега, веќе неколку недели наназад, расте скептицизмот во однос на политиката за заштита од Ковид-19. Многу Германци се изморија од пандемијата. Уличните протести против корона-политиката, кои во меѓувреме стивнаа, сега повторно земаат замав - и неодамна дури доведоа до насилни судири со полицијата.

Во новото истражување на институтот за истражување на јавното мислење- ЈуГов, по налог на новинската агенција ДПА, една третина од испитаниците се изјасниле за заострување на мерките. 23 проценти биле за тоа да не се менува ништо, 22 проценти пак за ублажувања на мерките. 15 проценти, се изјасниле за ставање крај на сите ограничувања. ЈуГов исто така бележи промена на расположението. Од крајот на минатата година, повеќе луѓе го оценуваат справувањето со корона-кризата како негативно, отколку позитивно.

Потребно е придржување кон сопирачката за итни случаи

На претходниот состанок на почетокот на март, Меркел и покраинските премиери се договорија за таканаречена сопирачка за итни случаи. Ако се зголеми бројот на инфекции, отворањата мора да се повлечат и повторно да се применат строги ограничувања на контактите. Ова треба да важи подеднакво за покраините, окрузите и општините. Меѓутоа, од неодамна, неколку окрузи и цели покраини не се придржуваа кон тоа. Ова сега треба да се прави поконзистентно и подоследно. Според Меркел, може да се донесат уште построги правила, на пример за носењето на заштитни маски или забраните за излегување надвор.

По Велигден, фокусот ќе биде на повеќе тестови и вакцинации.

Следниот состанок во канцеларскиот кабинет е планиран на 12 април. Задолжителните корона-тестови за повратниците од велигденскиот одмор се планираат уште во самата земја на одмор, односно пред повратниот лет и треба да се спроведат во соработка со авиокомпаниите.

Во моментов во Германија со коронавирусот се заразени околу 166.000 лица, а според податоците од регистарот за интензивна нега, 3.145 лица се наоѓаат на интензивна нега пради компликации по заразата, од кои 1.678 се на респиратор. Има слободни уште околу 4.000 кревети и над 10.000 во резерва.Од почетокот на епидемијата во Германија се регистрирани околу 2,7 милиони заразени, а починаа околу 75.000 лица.