1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Локдаунот продолжува, но со ублажувања

Рајнхард Клебер | агенции
3 март 2021

Бидејќи бројот на инфекции, во најдобар случај, стагнира - сојузната и покраинските влади сакаат да го продолжат локдаунот во Германија, но истовремено и делумно да ги ублажат строгите корона-рестрикции.

https://p.dw.com/p/3q8sN
Coronavirus - Ein "Geschlossen"-Schild hängt im Eingang zu einer Buchhandlung
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi

Локдаунот во Германија сѐ повеќе им оди на нерви на многумина, и повиците за олеснувања на мерките стануваат сè погласни. Од една страна е желбата за нормален живот, а од друга - бројот на инфекции кој укажува дека локдаунот треба да продолжи. Сојузната и покраинските влади мора да дадат одговори на оваа дилема денеска.

Прелиминарниот нацрт-план на состанокот меѓу канцеларката Ангела Меркел и шефовите на владите на сојузните покраини веќе излезе во јавноста. Иако, очигледно сѐ уште нема договор за важните детали, сепак се чини јасно дека повеќето од заштитните мерки кои се во сила во моментов првично ќе бидат продолжени до 28 март. Според нацрт-планот, кој му е достапен и на ДВ, ограничувањата за контакти од понеделник треба малку да се ублажат. Тогаш треба да бидат можни средби до пет лица од две домаќинства, а за време на велигденските празници треба да бидат можни приватни средби со најмногу четири лица „кои не се дел од домаќинството“. Во моментов, дозволено е средба со едно лице кое не живее во исто домаќинство.

Нацртот содржи и план во четири чекори за постепено отворање на јавниот живот. Според учесниците на состанокот на парламентарната група на Унијата, канцеларката посочила дека вредностите на седумдневната инциденција во Германија се „релативно ниски“ во споредба со другите европски земји. Сепак, таа, исто така, предупредила: „Потребна ни е сопирачка за итни случаи ако бројките повторно се зголемат“.

Повеќе вакцини, повеќе тестови

Според предложениот план, сојузната и покраинските влади де факто остануваат на својата одлука, која ја донесоа пред само три недели, да го укинат локдаунот кога вредноста на инциденцијата на нови инфекции за седум дена на 100 илјади жители ќе изнесува под 35. Неколку покраински влади особено се залагаат за ова. За да се оправда ова, се упатува на зголемената достапност на вакцините и опциите за тестирање. „Брзите тестови сега се достапни во голем број и понудата на тестови на пазарот се проширува за да вклучат и евтини тестови за самотестирање“, се вели во документот.  

Повеќе:

-Германија и Ковид-19: Меѓу копнежот за отворање и следниот бран

-Трет корона-бран во Германија?

-Коронавирус: Германија бара формула за олеснување на рестрикциите

Министерот за финансии, Олаф Шолц, сепак, уште еднаш повика на јасна перспектива за отворање. „Голем дел од она што може да се прочита и чуе во овој момент ,според мене, не е доволно. За мене важи следново: Сакам јасна стратегија за отворање и комбинација на отворање и тестирање" изјави тој за весникот „Билд“.

Апел за одговорно отворање

Лидерот на парламентарната група на СПД, Ролф Мицених повика на униформен пристап при ублажувањето на мерките. Со оглед на големиот број на инфекции, тој исто така предупреди дека тоа да се одвива „многу претпазливо“ . „Не смее да има неконтролирано отворање, туку одговорно отворање со заштита“, предупреди лидерката на пратничката група на Зелените во Бундестагот, Катрин Геринг-Екард.

Во предлог-заклучоците се наведува дека сојузната и покраинските влади сакаат да „испробаат“ можни исклучоци од важечките ограничувања, како на пример преку „значително проширување на тестовите“ и подобро следење на контактите  да се овозможат „чекори на отворање дури и при повисока седумдневна инциденција од 35 нови инфекции на 100.000 жители “.

Критика за вакцинацискиот перфекционизам

Во меѓувреме, познатиот виролог Кристијан Дростен предупреди од зголемување на бројот на инфекции како резултат на релаксација на корона-рестрикциите. Дростен во подкастот „Коронавирус-Апдејт“ рече дека е оправдано да се повлечат мерките поради социјални и економски причини. „Но, едноставно, мора сосема неутрално да се каже што ќе се случи тогаш. Имено, инциденцијата повторно ќе се зголеми“.

Здравствените власти пријавија 9019 нови инфекции во Германија во рок од еден ден - околу 1000 повеќе отколку пред точно една недела. Покрај тоа, во рок од 24 часа се регистрирани 418 дополнителни смртни случаи поврзани со Ковид-19. Седумдневната инциденција на нови заразени инфекции во рок од седум дена на 100.000 жители  денеска изнесува  64,0 и е малку пониска од вчера (65,4).

Главниот виролог на Берлинската болница Шарите го критикуваше и моменталниот пристап на државата кон вакцинацијата. Тој, како што рече, има чувство дека „настанал германски перфекционизам“. Тој повика во вакцинирањето итно да бидат вклучени и матични лекари и лекарите во претпријатијата. Општите лекари знаат, на пример, кому треба да му дадат предност при вакцинацијата, или кој е подготвен да се вакцинира. „Овој човечки фактор не се користи во моментов“, рече Дростен.

Дростен проценува дека процентот на британскиот сој на коронавирусот Б.1.1.7 кај инфекциите во Германија во меѓувреме е околу 50 насто. Уделот на оваа позаразна мутација ќе продолжи да се зголемува, тоа е неизбежно. Во Велика Британија сега има само остатоци од други варијанти, мутацијата Б.1.1.7 е целосно доминантна.