1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија не е виновна што извезува многу

Ролф Венкел
21 април 2017

Секогаш одново се слушаат критики на сметка на Германија, бидејќи поради слабото евро и нејзиниот извоз постојано расте. И коментаторот на ДВ Ролф Венкел го застапува мислењето дека Германија „не е виновна оти е успешна“

https://p.dw.com/p/2bh06
Hamburg Deutsches Containerschiff Fahne
Фотографија: picture-alliance/chromorange/C. Ohde

Треба да се признае: надворешнотрговскиот суфицит во Германија е сѐ поголем. Причина за тоа е фактот што ние произведуваме повеќе отколку што ни е потребно, а продаваме повеќе стока и услуги во странство отколку што купуваме. Во 10 години тој суфицит се зголеми повеќе од двојно - од 4 насто од БДП на 8,6 отсто во минатата година.

Овој надворешнотрговски суфицит на многумина им е трн в око. Европската Комисија зборува за „нерамнотежа“ ако тој суфицит во некоја земја надмине 6 отсто од нејзиниот национален доход. Шефицата на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ), Кристин Лагард, размислува исто. За волја на вистината, легално е земјата во која населението е сѐ постаро своето тежиште да го насочи кон извозот, но во прашање е количеството: „4 насто можат можеби да бидат оправдани, но 8% веќе не се.“

Неодамна се огласи и францускиот претседателски кандидат Емануел Макрон и за оваа германска извозна сила оцени дека „не може веќе да се издржи“. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле тие обвинувања деновиве мора повторно да ги слуша и во Вашингтон, на пролетната сесија на ММФ и на Светска банка, на која редовно се среќаваат и министрите од најразвиените и економски најперспективни земји Г-20. Уште еднаш. Со оглед дека тие приговори не се нови, а ако повторно се повторуваат тие не стануваат потешки.

„Не можеме ништо против тоа“

Треба да се признае и тоа: Германија во моментов е исклучително конкурентна во меѓународни размери. Таа од почетокот на овој век со реформи на пазарот на труд и ниските зголемувања на платите се претвори од пациент на Европа во локомотива. Но може ли поради тоа да се напаѓа германската економска политика? Платите се договараат со колективни договори меѓу синдикатите и работодавачите - државата тука поради добри причини нема што да каже. И државата не треба да се обвинува дека својот пазар на труд го реформише така што бројот на невработени е намален и се создадени нови работни места. Сосема спротивно од тоа, некои европски соседи тоа би можеле да го земат како пример. Дали се германските извозни производи, на пример машините или автомобилите, во странство поевтини? Тој приговор некогаш беше точен - во 50-тите и во 60-тите години од минатиот век, кога германската марка беше исклучително потценета. Денес Германија веќе нема сопствена валута, пазарната политика се води во Европската централна банка, а врз неа Берлин нема никакво влијание. Тој господин Марио Драги создава слабо евро и ниски каматни стапки во еврозоната, бидејќи тој води економска политика за сите земји со заедничката валута, а не само за Германија.

Wenkel Rolf Kommentarbild App
Ролф Венкел

Тоа е сигурно: да има Германија сопствена валута, нејзината вредност веројатно силно би се зголемила и би го забавила германскиот извоз. Од сето тоа следи заклучокот: германскиот министер за финансии во Вашингтон може само да слегнува со рамената, бидејќи тој во сите овие причини за дебелиот германски плус едвај и да има некакво влијание. Тоа истото важи и за ниските цени на суровините и на енергенсите кои ѝ овозможуваат конкурентност на трошоците на германската индустрија. Но тоа истото важи и за, на пример, италијанската или француската индустрија. И покрај тоа, ние продаваме 36 отсто од нашата стока и услугите на подрачјето на еврозоната.

Ние сме едноставно премногу добри

Речиси и да не се осмелуваме да го кажеме тоа бидејќи самофалството, се знае, не е добро. Но може ли германскиот извозен успех да има некаква врска со квалитетот, поврзан со доверба, точноста и сигурната испорака? Да земеме конкретен пример: нашата размена со САД минатата година изнесуваше 164 милијарди долари. Проблем е дека ние во САД сме продале стока во вредност од 115 милијарди, но таму сме купиле стока во вредност од 49 милијарди. Но тоа само покажува дека Американците очигледно избираат германски квалитетен производ, додека САД едвај може да покажат некои производи кои ги извезуваат, а кои се вредни да се споменат, можеби со исклучок на неколку компјутери, малку програми за компјутери и неколку авиони. Американските џипови гладни за бензин сигурно не се американски извозен хит, а слатката Кока Кола во секоја земја и онака ја мешаат нејзините лиценцирани партнери, така што всушност не се смета за извоз. И на господинот Трамп ќе му биде тешко да ги промени тие односи, бидејќи имаат структурални причини кои нема да исчезнат по неколку претседателски одлуки.

За волја на вистината постојат и неколку мерки кои би можеле да го намалат германскиот суфицит. Поголеми плати за вработените, на пример, не само што би ги поскапеле германските производи, туку истовремено би поттикнале и поголема домашна потрошувачка. И државата може да ја поттикне таа потрошувачка, ако вложи пари во железнички пруги, патишта, училишта и универзитети, поттикне изградба на станови и ја прошири широкопојасната комуникациска мрежа во целата земја.

Навистина германскиот надворешнотрговски суфуцит е резултат и на слабото ниво на инвестиции во земјата. Претпријатијата повеќе сакаат да инвестираат во странство. Германија е заситена и сѐ постара, пазарите кои ќе растат се наоѓаат на друго место.

Но сето ова објаснува само мал дел од германскиот суфицит - во секој случај не ја оправдува таа масивна критика која во моментов мораат да ја слушаат германските стопанственици и политичари. Сосем спротивно од тоа, тие критики се повеќе показател за тоа дека побргу кај некој друг се бара вината за дефицитите кои ги направиле самите, наместо сопствените земји да се направат поконкурентни.