1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови правила за влез во Германија, редици на границите

БГ
25 јануари 2021

За повеќе земји со висок број на инфекции од коронавирусот, меѓу кои и Северна Македонија, од неделата важат построги правила за влез во Германија. На границата кон Чешка веќе се создадоа долги колони.

https://p.dw.com/p/3oMnW
Grenzkontrolle zwischen Frankreich und Deutschland
Фотографија: BeckerBredel/picture alliance

Од неделата (24.01.2021) во Германија почнаа да важат нови, заострени, правила за влез во земјата. Сојузната влада го прошири списокот на земји кои важат за подрачја со висок ризик, а новина е дека сега се класифицираат и земји каде инциденцата на неделно ниво е над 200 на 100.000 жители. За сите патници кои доаѓаат или се враќаат во Германија важи и правилото за обврзувачка регистрација на интернет на страницата www.einreiseanmeldung.de - пред влез во земјата.

Три ризични категории

Според Институтот Роберт Кох (РКИ), во категоријата земји со висока инциденца (повеќе од 200) од неделата се следните европски земји: Северна Македонија, БиХ, Србија, Косово, Словенија, Албанија, Шпанија, Португалија, Естонија, Летонија, Литванија, Андора и Чешка. Во категоријата на региони во кои се појавиле многу заразни мутации на коронавирусот засега спаѓаат: Велика Британија, Ирска, Северна Ирска, Јужна Африка и Бразил.

-повеќе на темата: Патување во Германија

За патниците од овие земји од обете категории важи правилото дека влез во Германија е дозволен само со негативен тест кој не смее да биде постар од 48 часа. Патниците од ризични подрачја, земји или региони со инциденца над 50 на 100.000 жители, во кои спаѓа и Хрватска, мора да се тестираат на коронавирусот најдоцна 48 часа по влезот во Германија.

Гранични контроли

Според германското Министерство за внатрешни работи, тестовите систематски се проверуваат на аеродромите и сите други гранични премини. Особено се контролираат летовите од ткн. високо ризични подрачја- пред пасошката контрола и во авионите. Покрај тестовите, се контролира и дали патниците ги пополниле патните формулари. Во принцип, сите патници кои влегуваат во Германија, и кои престојувале во ризично подрачје (категорија 1 до 3) во последните 10 дена, се обврзани на десетдневен карантин. Карантинот може да се скрати после петтиот ден, но само ако се направи втор тест и тој е негативен. Од карантинот се исклучени само службени патувања.

Deutsch-tschechische Grenze - Teststationen für Grenzpendler
Сите патници имаат обврска да покажат негативен тест или да се тестираат на германско-чешката граница.Фотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Проблеми на чешката граница

Новите мерки веќе предизвикаа голем застој на германско-чешката граница, откако Чешка беше ставена во најризична група на земји. Од вчера, сите патници од Чешка на границата мора да покажат негативен тест на коронавирус, не постар од 48 часа. Голем број Чеси кои работат во Германија и секојдневно ја минуваат границата сега се соочуваат со голем застој. На два гранични премини од утрово за премин чекаат колони од стотици возила и пешаци. Чешките власти се обидуваат да ги засилат тестирањата на самата граница со што ќе се овозможи побрз проток на работниците. Новиот сој ќе стане доминантен

Анализите во Германија покажуваат дека новиот сој на коронавирусот од Велика Британија, наскоро ќе стане доминантен и може да создаде нови проблеми. „Веќе се соочуваме со новата варијанта во неколку болници. Тоа значи дека е пристигната во земјата, и во одреден момент- како и во другите земји- ќе стане доминантен и ќе прави проблеми“, изјави шефот на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел, Хелге Браун. „Сакаме колку што е можно подолго да го држиме подалеку од земјата и под контрола откако ќе влезе“, додаде Браун. Новиот тип на вирусот е позаразен, но научниците се уште не можат да потврдат дали е и посмртоносен од претходните варијанти.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи