Германија: 130 милијарди евра за излез од корона-кризата
4 јуни 2020Германската канцеларка изјави дека коалиционите партнери во владата се договориле за пакет од 130 милијарди евра за обнова на економијата погодена од корона-кризата, најтешката во повоената историја на земјата. Средствата ќе стојат на располагање за оваа и за следната, 2021 година. Мерките опфаќаат меѓудругото привремено намалување на Данокот на додадена вредност од 19% на 16% во периодот од 1 јули до 31 декември, еднократно исплаќање 300 евра за дете како поддршка за семејствата и удвојување на државните субвенции за купување електрични автомобили – 6.000 евра, нема да има субвенции за бензинците и дизелите.
Освен тоа, пакетот предвидува и создавање Евро-фонд од 50-милијарди евра за борба против климатските промени, поттик на иновациите и дигитализацијата во германското стопанство.
Мерките ги договорија партијата на Меркел, Христијанско демократската унија, Христијанско социјалната унија и нивниот коалиционен партнер – Социјалдемократската партија по 21-часовен преговарачки маратон.
Повеќе:
Германија со национализација ќе ја спасува Луфтханза
Историски договор на Меркел и Макрон за рестарт на економиите на ЕУ
Корона-кризата ја турна Германија во рецесија
Германија: 100 милијарди евра помали приходи од даноците
Според канцеларката Меркел, членовите на владинната коалиција се обврзале на храбра програма која ќе овозможи поттик на потрошувачката, инвестиции во иновации и ќе го намали финансискиот товар на обичните граѓани.
„Јасно е дека оваа ситуација изискува смела реакција", изјави Меркел пред новинарите во Берлин. „Станува збор за осигурување на работните места, за одржување на работата на економијата или нејзино повторно активирање."
Германија на 20 април, отприлика еден месец по воведувањето, започна со ублажување на рестритктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.
Економијата во првиот квартал од годинава западна во рецесија, а се очекува падот во вториот квартал да биде уште поголем.
Стапката на невработеност од претходните 5,8 % во последниов месец се зголеми на 6,3 %. Без владината програма, која на претпријатијата им овозможи да организираат работа на скратено работно време и намалени исплати на платите на преку 7 милиони работници, стапката на падот на економијата ќе беше уште поголема и тешко дека фирмите ќе можеа да ги задржат работниците.