Германија повторно во Советот за човекови права на ОН
25 февруари 2013Германија се придвижи нанапред. На првата седница на Советот за човекови права во новата година германските дипломати ги заземаа предните места во салата на Советот за човекови права во Женева. Тоа се местата резервирани за 47-те земји членки на Советот за човекови права. Сите останати земји се набљудувачи и се позиционирани во задниот дел на салата.
Фактот што Германија, по нејзиното прво членство од 2006 до 2009 година, сега повторно е застапена во Советот за човекови права не е разбирливо само по себе. Тоа е резултат на возбудливата изборна кампања во групата западноевропски држави. Пет земји конкурираа за три места. Германија притоа однeсе извонреден резултат. „Мислам дека високиот резултат од гласањето е јасен доказ за доверба, дека Германија, што се однесува до интересите на различни региони и регионални групи се смета како земја, која не зазема страни“, вели Ханс Шумахер, германскиот амбасадор во Обединетите нации во Женева.
Сирија е првиот тест
Изборот во Советот за човекови права, според набљудувачите, може да се оцени и како признание за активниот ангажман на германските дипломати во Женева. Германија си го заслужи своето место и во новиот состав на Советот е во добро опкружување, вели Жули де Риверо, директорка на женевската канцеларија на Организацијата за човекои права Хјуман Рајтс Воч: „Оваа година имаме добар состав на членството. Голем број земји во Советот се произнесуваат за човековите права“, подвлекува Де Риверо и формулира конкретни очекувања: „Со ова годинава може да произлезат можности, кои во минатото ги немаше. Германија тука е застапена со многу добар тим дипломати, кои можат многу да издејствуваат“.
Прв тест на новиот состав на Советот е сириското прашање. Откако изби кризата Русија и Кина, гласајќи против, постојано го торпедираа секој обид да се испрати одлучна порака на Советот за човкови права до владата на Асад. Двете земји 2013 година повеќе не се застапени во Советот за човекови права на Обединетите нации. Со ваквиот состав Советот за човекови права сега има шанса да се етаблира како еден вид систем за рано предупредување за Советот за безбедност на Обединетите нации, смета Беате Рудолф, директорка на Германскиот институт за човекови права во Берлин.
Трите тежишта на Германците
Министерството за внатрешни работи во Берлин меѓутоа гледа други приоритети за Германија во Советот за човекови права. Германската влада сака нејзините дипломати во Женева да се посветат на три теми, и тоа правото на вода и санитарно обезбедување, темата деца - војници, како и трговија со луѓе.
Ваквите намери воопшто и не се погрешни, оценуваат организациите за заштита на човековите права и предупредуваат на поголема храброст за непријатните теми. Без сомнение тоа се високи цели. „Но најголемиот предизвик се состои во тоа, ова дело да се придвижи да заземе позиција за конкретните ситуации“, вели директорката на Хјуман Рајтс Воч де Риверо.
Ако станува збор за Сирија, Северна Кореја, Мијанмар или Шри Ланка, Советот мора да реагира одлучно, бараат невладините организации. Германија би требало да ја искористи својата нова позиција како членка и да го мобилизира Советот да делува. На сите актери им е јасно дека оваа цел може да се постигне само со широка коалција меѓу земјите.
Германскиот амбасадор во ОН Шумахер уверува дека Германија во Советот за човекови права ќе биде отворена и ќе бара дијалог и со земјите, кои имаат поинакво сфаќање за човековите права. „Ние, Европејците, не смееме да се покажеме како оние кои со цврст став по одредена тема им ја наметнуваат волјата на другите“, уверен е амбасадорот.
На исто мислење е и Беате Рудолф од Германскиот институт за човекови права: „За човековите права е важно, тие да бидат поддржани од држави од целиот свет“.