1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - рај за мафијата?

Штефани Хепнер/ Жана Ацеска10 април 2014

Банки, градилишта, игри на среќа - експертите сметаат дека речиси не постои област во Германија во кој не продрел организираниот криминал. Но, проблемот не се согледува сериозно.

https://p.dw.com/p/1Bfko
Фотографија: picture-alliance/dpa

На крајот беше постигнат „дил“: обвинети од Сицилија треба да одат в затвор на 3,5 односно 4 години, пресуди вчера (09.04) Покраинскиот суд во Келн. Обвинението гласеше: пружање помош во затајување данок и неисплата на додаток на плата. Четворицата мажи ја оштетиле германската држава и социјалните каси за шест милиони евра. Со помош на 14 фантомски фирми на други градежни фирми им биле издавани лажни сметки, кои тие потоа ги приложувале во Даночната служба за да плаќаат помалку данок.

Медиумскиот интерес за пресудата беше голем, зашто зад обвинетите, се претпоставува, се крие систем - мафија. Затоа, процесот беше наречен и „градежна мафија“. Од аспект на судството ова тврдење е непотврдено, како што истакна за Дојче веле портпаролот на судот, Ахим Хенгстенберг по изрекувањето на пресудата - врски со мафија не биле пронајдени. Исто така, не се утврдени ни други односи карактеристични за мафијата, вели портпаролот.

„Сепак, разочарувачки е што цел систем, кој бил изграден од фантомски фирми, заврши со толку мали казни“, вели за Дојче веле Ана Најфер, новинарка и коавтор на документарната емисија „Внимавајте, мафија - како криминалните банди ја загрозуваат Германија“ на АРД, првиот канал на германската јавна телевизија. Таа интензивно го следеше келнскиот процес за потребите на својот филм и истражуваше заедно со колегите од ВДР, Шпигел онлајн и медиумската група Финке.

„Според документите, кои ние внимателно ги проучувавме, постојат укажувања дека некои од осудените имале контакти со еден поранешен мафијаш“.

За Најфер пресудата на келнскиот суд сепак е очекувана.

„Сосема јасно, се прави спогодба за да се скрати процесот“.

Мафијата како глобален проблем

Долго се сметаше дека е незамисливо постоење на мафија во Германија. Но, времињата се променија, единствени се експертите.

„Мафијата одамна не е феномен специфичен само за Италија, туку во меѓувреме е глобален, транснационален проблем“, вели Андре Шулц, претседател на Сојузното здружение на германските криминалистички службеници.

„Додека Германија долго време се сметаше само за прибежиште на италијанската мафија, во меѓувреме знаеме дека различните мафијашки групи кај нас посебно активно ги водат своите бизниси и тоа речиси непречено“.

Според Шулц, тежиштето притоа е кај дрогите и трговијата со оружје, но се‘ позасилено и во градежништвото, банкарството и игрите на среќа.

„Мафијашите, камуфлирани како легални претприемачи, учествуваат во германскиот економски живот и продираат во јавниот сектор со тоа што на пример учествуваат на тендерите во градежништвото и ја истиснуваат легалната конкуренција со дампинг-понуди“, вели Шулц. На Покраинската служба за криминалистика на Северна Рајна Вестфалија, според медиумите, и‘ е доставен документ, според кој италијанската мафија е силно присутна во градежништвото на покраината.

„Овде не постои ни едно единствено поголемо градилиште, на кое мафијата не заработува“, се цитира во извештајот, а Покраинската криминалистичка служба ниту го потврди, ни го демантира постоењето таков документ.

Според доверлив извештај на Сојузната служба за криминалистика, во Германија живеат најмалку 460 осомничени мафијаши, пишува пак Шпигел онлајн. Повеќе од половината од нив припаѓаат на калабриската Ндрангета, 88-мина на Комора од Неапол, 77-мина на сицилијанската Коза Ностра и 14 на апулискиот клан. Покраинскиот претседател на Здружението на германските криминалистички службеници, Себастијан Фидлер, за магазинот изјавил дека не постои речиси земја во која на мафијата и‘ е толку лесно како во Германија.

Негирано постоење

„Најголемиот проблем кај оваа тема во Германија е што Германците постојано велат - кај нас нема никаква мафија“, вели новинарот Марко Реселер, кој во ВДР исто така работеше на документарката за мафијата. Реселер и неговите колеги истражувале во двете земји, разговарале со државните обвинители и инспекторите. Истрагата во Италија течела поинаку отколку во Германија.

„Мора да се каже дека луѓето таму многу похрабро и отворено зборуваат за мафијата и се борат против неа, отколку што е тоа случај во Германија“. Германија едноставно им олеснува на мафијашките структури, гласи пораката на протагонистите.

„Во Германија мафијата може да работи речиси непречено“, вели Роберто Скарпинато, државен обвинител во Палермо, во изјавата за документарниот филм. Новинарот Реселер за ова го обвинува и правосудството. Додека во Италија може да биде уапсен веќе секој кој има контакти со мафијашка организација, во Германија дури и докажани членови на италијанска мафијашка организација можеа да останат неказнети, вели тој за ВДР.

„Недостигаат соодветните законски прописи. Италијанските и германските служби треба посилно да соработуваат“, вели авторката Најфер.

Помал број криминалистички службеници

Неефикасното откривање на организираниот криминал, според сојузниот претседател на Синдикатот на полицијата, Оливер Малхов, се должи и на персоналната политика во полицијата.

„Со години доживуваме само намалување на бројот службеници“, вели тој за Дојче веле. Редуцирањето на персоналот се легитимира преку намалените бројки од криминалистичката статистика, која не ги отсликува вистински ваквите случаи.

„Политички одговорните во основа не се свесни дека овде имаме вакви криминални структури и дека за нивно сузбивање ни треба персонал“.

Освен тоа, многу работни места се пренасочуваат во друг сектор, во сузбивањето на тероризмот.

„Токму во оваа област постои итна потреба. Но, политиката тоа уште не го сфатила вистински и не го поддржува во потребниот степен, зашто тука не може да се постигнат брзи успеси“.