Германија се подготвува за предвремените избори
23 август 2005За утре е закажана средба на раководствата на Христијанско демократската Унија и на Либералната Партија околу натамошниот настап во предизборјето.
Христијанските демократи и Либералите имаат намера да ги истакнуваат заедничките ставови, но не и да водат заедничка изборна кампања. На утрешната средба на раковдните кадри треба така да се договорат стратешките чекори за победа над моментално владеачката црвено-зелена коалиција во Берлин. При тоа важно место има дебатата околу даночната политика. Таа пламна откако професорот Паул Кирхоф, кој е во најтесниот тим на кандидатот за иден канцелар и претесдател на ЦДУ, Ангела Меркел, се заложи за драстична реформа на даночниот систем. Тој имено се залага за највисока стапка на оданочување од само 25%, што се расликува од официјалната изборна програма на христијанските демократи. Меркел сепак му дава поддршка на професорот Кирхоф:
„Многу сум среќна што Паул Кирхоф се сложи да биде член во мојот тим. Тој и ми рече дека смета оти она што е зацртано во нашата програма е чекор кон остварувањето на неговата визија. Мене ми е важно во тимот да имам човек кој знае во која насока треба да се движиме, кој има визија!„
Револуционерното во планот на Кирхоф се речиси изедначените стапки на оданочување, само оние со најниски приходи треба да плаќаат нешто помалку данок. Сите 420 даночни олеснувања од сегашниот систем Кирхоф сака да ги укине. Иста даночна стапка за сите – тоа е несоцијално, реагираше веднаш актуелниот министер за финансии од владеачката социјалдемократска партија, Ханс Ајхел:
„По паушалата по глава на жител, сега доаѓа и данокот и тоа е чиста либерална политика. А сите знаеме дека Либералите никогаш не се грижеле за граѓаните со помали примања, туку ги бранат интересите на оние што заработуваат многу.„
И навистина Либералите се одушевени од предлогот на Кирхоф, иако генералниот секретар Дирк Нибел веќе оцени оти тоа не е остварливо. Но, шефот на партијата Гидо Вестервеле го зеде во одбрана поранешниот судија на Уставниот суд на Германија, Паул Кирхоф и му даде полна поддршка за поедноставениот систем на оданочување.