Германија собира помош за децата во Македонија
25 октомври 2018Акцијата за помош на децата во земјите од источна Европа трае со години, а годинава пакетчиња за Македонија ќе испраќаат децата и родителите од покраината Баден Виртемберг. Собирањето на подароците започна на крајот на септември, а ќе трае до 25 ноември. Според повиците објавени во повеќе германски регионални медиуми, подароците кои ќе патуваат во Македонија ќе бидат наменети за домови за деца без родители и за семејства кои се во тешка материјална и социјална состојба.
Дарителите се повикуваат, доколку се во можност, да испраќаат школска опрема, играчки, топла облека како капчиња, шалови и ракавици, и средства за хигиена како четкички за заби, чешли, шноли и малечки огледала.
„Секако, кон ова можете да додадете и слатки производи - но водете сметка дека рокот за употреба треба да им биде најмалку до март следната година“, се наведува во повикот.
Организаторите им овозможуваат на сите заинтересирани да подигнат празни пакети, и потоа на истите собирни места да ги донесат за испраќање.
Минатата година, преку акцијата „Децата им помагаат на децата“ низ цела Германија беа собрани 34.539 детски пакетчиња и 4.196 големи пакети со донации за децата во земјите од источна Европа.
Сите заинтересирани кои живеат во Германија можат да учествуваат во акцијата, а повеќе детали може да се дознаат на интернет страницата на акцијата „Децата им помагаат на децата“:
www.kinder-helfen-kindern.org