Германија стравува од трет бран коронавирус
19 февруари 2021Со оглед на само малото намалување на корона-бројките, германскиот министер за здравство Јенс Шпан и претседателот на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер на денешната прес конференција во Берлин апелираа на стриктно задржување на рестрикциите.
„Варирањето кај новите инфекции предупредува на претпазливост“, истакна министерот Шпан, а Вилер во однос на брзото ширење на многу позаразните варијанти на вирусот предупреди: „Можно е повторно да се наоѓаме пред пресвртница“.
Според Институтот Роберт Кох, уделот на мутанти кај позитивно регистрираните случаи изнесува веќе 23 проценти.
Бројот на нови инфекции во Германија денеска изнесува 9113 во последните часа, во петокот пред една недела биле 9860. Т.н. седумдневна инциденција бележи минимално снижување на 56,8 (вчера: 57,1), бројот на смртни случаи е 508.
Паѓаат во очи и натаму огромни географски разлики: седумдневната инциденција на пример во покраината Баден Виртемберг се симна на 41,1, но во Тирингија изнесува 116,7. Бројката означува број на позитивно тестирани лица на коронавирус на 100.000 жители.
Според Шпан, ова налага засилено регионализирано преземање мерки против коронавирусот. Баварскиот министер за здравство Клаус Холечек укажа и на фактот што одредени баварски области се под влијание на граничењето со Чешка, каде вирусот моментно буквално беснее. Чешката влада од тие причини денеска го одложи за од идната недела планираното отворање на продавниците.
Германската влада и покраините за цел имаат постигнување инциденција од 50, но отворање на продавниците доаѓа во предвид само кога вредноста ќе се стабилизира на под 35.
Во одделни покраини меѓутоа уште од идниот понеделник ќе бидат отворени детските градинки и основни училишта.
Баварскиот министер за здравство Холечек инсистира на побрзо вакцинирање на наставниците во основните школи и на воспитувачите.
Сојузниот министер Шпан најави дискутирање на темата идната недела, доколку постои широка согласност, досегашниот план за приоритетно имунизирање ќе биде соодветно променет.
„Добивањето понуда за вакцинирање претставува привилегија“, истакна Шпан, оној кој ќе ја добие треба да се вакцинира во свој и интерес на другите.
Шпан и Вилер, исто како и баварскиот министер за здравство, Клаус Холечек во оваа прилика ја истакнаа сигурноста на вакцината на АстраЗенека во однос на која кај дел од граѓаните постојат задршки.
Од април би требало да започне вакцинирање на граѓаните и во лекарски ординации, што според заменикот шеф на Сојузното здружение на лекари Штефан Хофмајстер, би значело можност за вакцинирање на еден милион луѓе дневно, пет милиони неделно. Но, министерот Шпан изјави дека уште не е утврден точен термин за почеток на кампањата на вакцинирање преку лекарските ординации, за таа цел мора да се располага претходно со доволно дози вакцина.