Увозот на негуватели не го решава проблемот во Германија
2 април 2018Сѐ поголемиот број стари лица во Германија го продлабочува проблемот со недостиг на негуватели. Министерот за здравство Јенс Шпан смета дека недостигот од дури 17.000 негуватели може да се ублажи со носење работници од странство. „Опција која е најблиску на дофат е да се поканат негуватели од соседните земји“, рече Шпан за „Рајнише пост“ во текот на викендот. Тоа е остварлива можност со оглед на слободата на движење на работна сила во рамките на ЕУ. Но, признава Шпан, „најголемиот предизвик ќе биде навистина и да се најдат работници“.
Владата планира носење закон за дополнителни 8000 негуватели. За пополнување на отворените работни места, ќе се работи и на привлекување, односно враќање на обучени негуватели кои ја напуштиле професијата. Освен тоа, професијата ќе мора да се направи попривлечна и преку начинот на плаќање, а неопходно е и да се образуваат поголем број негуватели.
Повеќе: На Германија итно ѝ требаат негуватели од странство
Министерот опоменува дека ќе треба да се забрзаат и постапките на признавање на дипломите на негувателите и лекарите од странство. Понекогаш, лекарите и негувателите со месеци, па делумно и години се во Германија, а не можат да работат во професијата затоа што се одлоговлекува постапката за признавање на нивната диплома.
Работници ќе дојдат само ако одговараат условите за работа
Сабине Цимерман, портпарол на Партијата на левицата за прашања на пазар на работна сила, оценува дека работниците од странство нема да дојдат доколку не одговараат условите за работа. „Вработените во здравството и негата не смеат да се третираат како евтина работна сила со цел да се максимизира профитот на фирмите кои посредуваат работници.“
Германската фондација за заштита на пациентите остро ги критикуваше предлозите на Шпан за регрутирање странски негуватели. „Шпан како долгогодишен здравствен експерт мора да знае дека сите досегашни програми за привлекување странски негуватели пропаднаа“, изјави претседателот на фондацијата, Ојген Бриш за агенцијата КНА.
Германија е неатрактивна
Бриш нагласува дека за странските работници во моментов работењето во Германија е неатрактивно. Платите се лоши, а притисокот на работното место е голем, така што тие попрво заминуваат во Швајцарија, Велика Британија или Скандинавските земји.
Вработувањето странски негуватели е тешко и за работодавачите. Здравствената нега бара добри познавања на германскиот јазик, и тука нивото на барања не може едноставно да се спушти. На пример, за болните од деменција е многу тешко ако постојат јазични проблеми со негувателот.
Додека приватните домаќинства во Германија вработуваат меѓу 150.000 и 180.000 негуватели, често во сомнителни работни услови, на официјалниот систем на нега не му успева да регрутира странски негуватели, вели Бриш. „Ние во дадените услови едноставно не зрачиме.“ Напротив - германските негуватели сѐ повеќе се иселуваат во странство.
„Шпан се обложува на погрешен коњ“, критикува Бриш. Итната потреба од негуватели мора да се задоволи брзо, а за таа цел политиката и здравствената нега треба да се потпрат на домашната работна сила и на подобрување на платите и условите за работа, смета Бриш.