Германија дава уште една милијарда евра помош за Сирија
25 април 2018Германија обезбедува уште една милијарда евра помош за луѓето во Сирија, кои страдаат поради граѓанската војна и за воените бегалци од оваа земја во соседните држави. Кон ова ќе следат дополнителни 300 милиони евра во втората половина од гоината, ако состојбата на сојузниот буџет тоа го дозволува. Ова го соопшти германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска во Брисел, каде се одржува вториот ден од Донаторската конференција за Сирија во организација на ОН и на ЕУ.
Прочитајте повеќе:
Подобро празни зборови, отколку празни патрони
На неа учествуваат околу 80 држави. На првата Донаторска конференција за Сирија во 2017. година Германија беше најголемиот поединечен донатор, а од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2012. година, Германија како помош досега исплатила веќе 4,5 милијарди евра.
„Највисок приоритет мора да биде заштитата на цивилното население“, изјави германскиот министер Мас, истакнувајќи дека Германија ги вложува сите напори за повторно да се придвижи политичкиот процес за решавање на конфликтот во Сирија.
Само во Сирија од хуманитарна помош се зависни преку 13 милиони луѓе. Освен тоа, поддршка е потребна и за милиони сириски бегалци во Турција, Либан и во Јордан, за кои е важна и перспективата за враќање во својата татковина. Он се надеваат дека на Конференцијата во Брисел за оваа година ќе се соберат околу 6,5 милијарди евра.