1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска фрегата во уништувањето на сириското хемиско оружје

Александер Дрекслер/Жана Ацеска10 април 2014

Бундестагот одобри ангажман на фрегата која треба да го обезбедува процесот на уништување на сириското хемиско оружје на отворено море.

https://p.dw.com/p/1Beru
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија ќе има натамошен придонес во уништувањето на сириското хемиско оружје. По уплатите во специјалниот фонд на Организацијата за уништување на хемиското оружје, ОПВЦ, и ветувањето дека ќе се погрижи за рециклирањето на остатоците од процесот на уништување на оружјето, Бундестагот со големо мнозинство донесе одлука за воено обезбедување на уништувањето. Фрегатата „Аугсбург“ со 190-член екипаж треба да го придружува специјалниот американски брод „Кејп Реј“ во Средоземното Море. На овој брод во наредните месеци на отворено море треба да биде уништуван гасот иперит и компонентите за другото бојно оружје од Сирија.

За мисијата на „Аугсбург“ гласаа 535 пратеници, 35 беа против, а 10 воздржани. Кај Левицата првпат се покажа неединство при гласањето, дел од пратениците беа „за“, а дел „против“.

MV Cape Ray US-Schiff
Американскиот брод „Кејп Реј“Фотографија: U.S. Navy photo by Chief Mass Communication Specialist Mikel Bookwalter/Released

Германската фрегата како брод за обезбедување

Останатите пратенички групи во Бундестагот беа единствени дека американскиот брод „Кејп Реј“ мора да биде обезбедуван.

„Ваков брод може да биде мета на напади“, вели Инго Гедехенс во разговор за Дојче веле. Истовремено, тој сепак смета дека е неверојатно да биде извршен напад, но германскиот ангажман е потребен. На „Кејп Реј“ треба да се изврши хидролиза на штетните материи на отворено, мирно море, а фрегатата „Аугсбург“ како придружба може да помогне со преземање дополнителни навигациски задачи. Со други зборови, германскиот воен брод треба да се грижи да не биде попречувана пловидбата на „Кејп Реј“, задача слична на обезбедувањето на конвој транспортери на отровни материи на автопат од страна на полицијата. Американскиот брод треба што е можно повеќе да се наоѓа во мирување, за да се изврши успешно предвидениот процес на уништување на опасните материи на неговата палуба.

MV Cape Ray US-Frachter
Хемиските отрови ќе се разложуваат преку хидролизаФотографија: picture-alliance/dpa

Извршување на воените задачи

Ако биде попречена работата на „Кејп Реј“ преку приближување на друг брод, задачата на фрегатата „Аугсбург“ се состои во сигнализирање и по потреба принудување тој да се оддалечи. Бидејќи се работи за воено оружје кое треба да се уништи, станува збор за воена задача - надгледување на процесот. Германската фрегата е опремена и оспособена за интервенција и заштита на посадата доколку на „Кејп Реј“ дојде до хаварија со компонентите на хемиското оружје. „Аугсбург“, на пример, е конструиран така што по потреба станува непропустлив и преку посебни филтерски постројки и малку повисок атмосферски притисок оневозможува продирање на отровните материи од воздухот во внатрешноста на бродот.

„Аугсбург“ веќе неколку недели се наоѓа во Средозменото Море, каде веројатно ќе оперира „Кејп Реј“. Во меѓународните води, во рок од максимално 90 дена, треба да бидат разложени по пат на хидролиза околу 560 тони опасни хемикалии од Сирија. Кога ќе биде стартот, зависи од тоа кога иперитот и останатите хемиски отрови ќе бидат товарени на бродот. Оваа етапа всушност требаше да биде завршена уште пред повеќе месеци, но досега е транспортирана само една третина од вкупното количество на отровите. Неофицијално се дознава дека во април и мај од Сирија треба да биде изнесено сето количество отровни материи.

GEKA Munster Entsorgung chemi­scher Kampfstoffe und Munition
Постројка за уништување отрови во МинстерФотографија: DW/A. Drechsel

„Кејп Реј“ ќе дојде и во Германија

Но, не се во прашање само 560-те тони, кои се предвидени да стигнат на „Кејп Реј“. Според наводи на ОПЦВ, под меѓународен надзор треба да бидат уништени 1300 тони хемикалии, со што Сирија би била исчистена од хемиско оружје.

Според изјави од американската војска и ОПЦВ, норвешкиот брод „Таико“ од сириското пристаниште Латакиа треба да пренесе околу 500 тони хемикалии во комерцијални согорувачки погони во Финска и во САД. Друг товарен брод, данскиот „Арк Футура“, ќе пренесе товар во италијанското пристаниште Џоја Тауро кој треба да биде претоварен на „Кејп Реј“. Потоа „Арк Футура“ 150 тони хемикалии ќе префрли во Англија, каде ќе бидат уништени во постројката за согорување во Илисмор Порт.

Дел од остатоците од отровните материјали по хидролизата ќе стигнат на уништување и во Германија, во Минстер.