1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок: „На Украина итно ѝ е потребно тешко оружје“

ЖА / агенции
11 април 2022

Германската министерка за надворешни работи се заложи за брза масивна воена поддршка на Украина, пред средбата со своите колеги од ЕУ во Луксембург.

https://p.dw.com/p/49lQQ
Luxemburg Außenministerin Baerbock
Фотографија: Thomas Imo/photothek/picture alliance

Според мислењето на шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, на Украина ѝ е потребна брза масивна воена поддршка. „Она што е јасно е: на Украина ѝ се потребни дополнителни воени материјали, пред сѐ тешко оружје. Сега нема време за изговори“, изјави таа пред почетокот на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Таа пледира за што е можно поскоро организирање дополнително вооружување и обука.

ЕУ-министрите се советуваат околу шести пакет санкции против Русија, како и за натамошна помош за Украина. На агендата, според зборовите на ЕУ-ополномоштеникот за надворешна политика, Жозеп Борел, се и начините како да им се помогне на земјите погодени од прекинот на синџирите на снабдување со прехранбени намирници.  Украина  е еден од најголемите призведувачи на жито, но  Русија ги уништи складиштата и спречува нови посеви.

Бербок попладне ќе отпатува во зоната Сахел за со претставници на африканските земји да дискутира како да им се помогне во обезбедувањето храна.

Посетата на австрискиот канцелар Карл Нехамер кај рускиот претседател Владимир Путин во Москва, најавена за денеска, останува спорна. „Секој глас, кој на Путин ќе му расветли како изгледа реалноста надвор од Кремљ, не е изгубен глас“, истакна австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг во Луксембург, тврдејќи дека патувањето е координирано со ЕУ-партнерите и со  Украина. Водени се консултации со  германскиот канцелар Олаф Шолц,  со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со врвот на ЕУ: „Путин веќе ја загуби војната од морален аспект“, истакна Шаленберг.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

„Не верувам дека со Путин може да се разговара“, противречи литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, барајќи од западните политичари наместо во Москва, да патуваат во Киев и одобрувајќи што Европската комисија подготвува шести пакет санкции против Русија. 

Луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн предупреди од воведување пребрзано ембарго за енергенсите од Русија, укажувајќи на комплексноста и на евентуалните долгорочни последици. Енергетско ембарго нема да има последици само за Германија, туку се заканува да се прелее и врз други држави од ЕУ, а прашање е дали тоа ќе може брзо да го запре Путин, аргументира Аселборн.

И Бербок и Борел се согласни дека мора да се направи сѐ за разјаснување на  воените руски злосторства во Украина.  Германија и ЕУ ќе го поддржат Меѓународниот трибунал и ќе помогнат во осигурувањето докази, истакна Бербок.