Германската политика со апел: Молиме, без приватни прослави
17 ноември 2020Канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери постигнаа согласност за апелирање до граѓаните - приватните средби со пријатели и познаници да се сведат на едно домаќинство. Тоа се однесува и на децата и младите во семејствата.
По видео-конференцијата, канцеларката оцени дека трендот на развој на пандемијата се’ уште не е променет. Динамиката на нови инфекции е прекината, но Германија се’ уште е „прилично оддалечена“ од целта - максимално 50 новоинфицирани на 100.000 жители во период од седум дена, рече канцеларката.
Таа најави дека наредната недела ќе биде поднесен долгорочен концепт за сузбивање на пандемијата. На 25 ноември треба да се донесе одлука како ќе се постапува во периодот по 30 ноември. На крајот на ноември, имено, истекуваат мерките од делумниот „локдаун“ во кој земјата се наоѓа во моментов. Освен тоа, треба да се одлучи и како ќе се постапува по почетокот на новата година. Треба да се создаде можност за граѓаните да можат посигурно да планираат, но за тоа да се постигне, ќе мора да се решат „многу проблеми“.
Меркел истакна дека таа веќе сега е подготвена на носење конкретни одлуки во врска со намалувањето на контактите на граѓаните, но покраинските премиер биле со „поинакво мислење“.
Сојузот и покраините ги повикаа граѓаните и при пречки со дишните органи веднаш да се посоветуваат со лекар. „Постојат многу симптоми кои е невозможно да се разликуваат од зараза со коронавирус“, рече Меркел.
ФФП2 маски за старите лица и болните
Постарите лица и болните би требало да се посетуваат само ако кај посетителите не постојат ни најмали симптоми на заболување, и тоа неколку дена пред посетата. Граѓаните кои се вбројуваат во посебно чувствителната група, како стари и болни лица, би требало да добијат 15 посебни т.н. ФФП2 маски, коишто ги штитат и оние кои ги носат. Таа набавка би требало да ја финансира државата.
Одлука за тоа како училиштата треба да се однесуваат во пандемијата е одложена за средбата планирана за наредната недела. Владата на вчерашната средба дојде со предлози за заострување на мерките во училиштата, како задолжително констатнтно носење маски, но покраините се спротивставија на такво нешто. Наставата со физичко присуство и натаму останува политички приоритет.