Wahlsystem Deutschland BTW
27 август 2009Прв и втор глас
Избирачкото ливче за парламентарните избори е поделено во два дела. На левата страна може да се даде првиот глас, а десно - вториот глас, кој на крајот е и одлучувачки.
Со првиот глас се носи одлука за пратениците од изборната единица. Германија е поделена на 299 изборни единици, во кои се избира по еден пратеник за парламентот - Бундестагот, и тоа оној којшто ќе добие најголем број гласови. Со мали исклучоци, единствено кандидатите од партиите на Унијата - ЦДУ и ЦСУ и на Социјалдемократската партија добиваат вакви „директни мандати“. Притоа, треба да се освои просто мнозинство од гласовите, а не како во Франција апсолутно мнозинство, кај кое треба да се освои повеќе од половината од сите гласови. Кај простото, или релативното мнозинство, какво што е потребно во Германија, гласовите дадени за останатите кандидати, кои собрани заедно се често пати повеќе од гласовите за победникот, не играат никаква улога. Кога би се барало апсолутно мнозинство, како во Франција, често би бил потребен и втор круг на гласање.
Другата половина од вкупно 598 пратеници, значи исто така 299, во Бундестагот влегува преку партиските листи во покраините. За овие листи се дава вториот глас, на десната половина од избирачкото ливче. Вториот глас е поважен - со него избирачот не се определува за некоја личност, туку за партија. Сите вакви гласови заедно одлучуваат за силата на партиите во Бундестагот.
Според соодносот на освоени втори гласови се определува бројот на пратенички места што ги добива една партија во парламентот. Од тие севкупни мандати, потоа, се минусираат директните мандати освоени со првиот глас на избирачите. Само преостанатиот дел мандати се пополнува со кандидати од покраинските листи на партијата. Затоа, вториот глас решава колку многу ќе биде една партија застапена во парламентот.
Инаку, 299-те мандати од партиските листи се поделени на покраините според бројот на население во нив. На тој начин, Бундестагот ја отсликува федералната структура на Германија.
Комбиниран изборен систем
Со оглед на тоа што германскиот изборен систем е комбинација на две различни можности, се говори за „персонализирано пропорционално избирачко право“. Изборен систем кој се заснова само врз кандидатите од изборните единици, како во Велика Британија, носи јасни мнозинства. Притоа, меѓутоа, голем дел од гласовите нема никакво значење, а малите и нови партии имаат помали шанси. Чист пропорционален изборен систем, како што имало во Германија во времето на Вајмарската република, се чини поправеден, но тој поттикнува „цепкање“ на партиското милје и често води до нестабилни влади.
И кај изборите за Бундестагот решавачки е соодносот на сите гласови, но има исклучоци - цензусот од пет проценти и правилото за основен мандат. Во основа, пратеници во парламентот имаат оние партии кои освоиле најмалку пет проценти од „вторите гласови“. Правилото не важи ако една партија освои директни мандати во најмалку три изборни единици. Во 1994 година, тогашната Партија за демократски социјализам (денешна Партија на левицата) освои четири директни мандати во изборните единици во источен Берлин и во Бундестагот влезе со 30 пратеници (4 директни мандати и 26 пратеници од партиската листа), иако притоа освои само 4,4% од сите „втори гласови“ и остана под цензусот од 5%.
Збунетост и тактика
За многу германски избирачи мешаниот изборен систем со прв и втор глас е збунувачки. Иако вториот глас е решавачки, неговото име „втор“ води до забуна дека тој е втор по важност. Исто така збунувачки делува и насочувањето на изборната борба кон „кандидатите за канцелар“, главно од редовите на ЦДУ/ЦСУ и СПД. Овие партии ги презентираат своите врвни кандидати често дури и без да го наведат името на партијата, иако вторите гласови на избирачите дадени за партиските листи решаваат за тоа, од која партија ќе биде идниот канцелар. Освен тоа, канцеларот во Бундестагот постојано беше избиран со гласови на партиски коалиции. Политички особено ангажираните избирачи не сакаат да „подарат“ ниту еден од двата гласа со кои располагаат. Со првиот глас избираат еден од двајцата кандидати кои најмногу ветуваат успех, од партиите на Унијата или СПД, а вториот глас го даваат на некоја од помалите партии, на пример ФДП или Зелените, како можен коалиционен партнер на големите партии.
Автор: Јохен Вок / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска