1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приемот на Македонија во НАТО има стратешко значење

ЕМФ
6 февруари 2019

Веста за потпишувањето на протоколот за НАТО непосредно по церемонијата во Брисел ја пренесоа не само електронските медиуми, туку и онлајн-изданијата на германскиот печат.

https://p.dw.com/p/3CqRb
NATO-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Walschaerts

„Само што се реши спорот за името со Грција, а малата балканска држава веќе забележа успех - НАТО ја прими Северна Македонија“, констатира првиот канал на германскиот јавен сервис АРД. Објаснувајќи дека полноправна членка на НАТО со сите права и обврски Македонија ќе стане најверојатно наредната година, откако ќе заврши процесот на ратификација на Протоколот, Холгер Роман од студиото на АРД во Брисел оценува:

„Проширувањето со малата земја воено не е којзнае колкава добивка. Северномакедонската армија има нешто над 11.000 активни војници и неколку борбени хеликоптери. Сепак, приемот, по повеќе политички и етнички конфликти, се смета за важен чекор кон стабилизација на целиот балкански регион. Русија на натамошното ширење на западната алијанса гледа како на напад врз сопствената безбедност. Кремљ протестираше остро уште при приемот на Црна Гора пред една и пол година. НАТО аргументира: правото на самоопределување на народите подразбира и право на слободен избор на сојузи.“

NATO-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Повеќе: 

Македонија влегува во НАТО како колос на мирот

Столтенберг и Димитров: Ова е историски ден

Вториот канал на германската телевизија ЗДФ во кусата вест за церемонијата во Брисел, ги пренесува зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека настанот е „историски“. Телевизијата исто така констатира дека НАТО ја прима „идната Република Северна Македонија наспроти критиките од Русија“.

„Историски“ подарок за Димитров

„Зиддојче цајтунг“ се обидува да даде одговор на најважните прашања поврзани со значењето на приклучувањето на Македонија во НАТО и нејзините амбиции за членство во ЕУ. Според весникот, „земјата веројатно ќе стане полноправна членка на одбранбениот сојуз во 2020 година, но можно е работите да одат и побрзо“. „НАТО на самитот во декември ќе прослави 70 години постоење, па тоа би била соодветна рамка за прием на уште една земја“, оценува „Зиддојче цајтунг“.

Телевизијата МДР уште во насловот констатира - „Наспроти отпорот на Русија: Приклучување во НАТО на Северна Македонија“. „Во Москва налутено се гледа на проширувањето на воената алијанса на Западниот Балкан. Нејзини членки не се уште само Србија и Босна и Херцеговина“, оценува МДР.

Радиото „Дојчландфунк“ во текстот посветен на проширувањето на НАТО и приемот на Македонија, меѓу другото, нагласува:

„Приклучувањето на поранешната југословенска република за НАТО има симболичко-стратешко значење. Важно, зашто, според НАТО, така се затвора уште една дупка на Балканот и се држи во граници влијанието на Русија. И македонскиот премиер Зоран Заев предупреди од 'сериозни, егзистенцијални закани' за неговата земја, доколку изостане трансатлантската интеграција. Освен тоа, Заев постојано ја поставува равенката: НАТО еднакво на ЕУ еднакво на поголема благосостојба.“