Германски печат „Уште еден ќорсокак“ за Северна Македонија
20 јули 2022Интернет порталот на јавниот сервис ЗДФ пишува дека по „многу години одложување, ЕУ ги отвори пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија". Порталот ја цитира и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која рече дека „народот на двете земји го заслужи тоа“.
ЗДФ посочува дека „Разговорите" со Северна Македонија не се формално започнати и дека тие ќе можат да се случат „само кога ќе се спроведат уставните измени".
„Владините конференции за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, всушност, требаше да се организираат во 2020 година. Но, Бугарија ги блокираше неопходните одлуки поради спорот со Северна Македонија. Тоа беше првенствено за толкување на заедничката историја, како и за правата на етничките Бугари во Северна Македонија“, пренесува ЗДФ.
„Договор кој предизвикува многу сомнежи“ - вака гласи насловот што го објави онлајн изданието на Зидојче цајтунг : „Договорот со Бугарија конечно треба да го отвори патот за пристапните преговори со Македонија во ЕУ. Но, приближувањето наскоро би можело повторно да заглави“.
„Во овој процес е внесена малку живост. Парламентот на Северна Македонија во саботата гласаше за преговарачка рамка која треба да го олесни конфликтот со соседната земја и членка на ЕУ - Бугарија. И да се отстрани нејзината блокада. Од 2020 година, Бугарија се противи на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија - и бара соседната земја прво да го прилагоди своето официјално толкување на историјата - на бугарското.
„На пример, бугарската окупација за време на Втората светска војна повеќе не може да се нарекува фашистичка, а Софија инсистира дека јазикот на Северна Македонија е всушност само дијалект на бугарскиот јазик. Новата преговарачка рамка, која треба да го реши конфликтот и се заснова на францускиот компромисен предлог, предвидува, меѓу другото, Северна Македонија да го промени својот Устав и експлицитно да го признае бугарското малцинство во земјата“, пишува Зидојче цајтунг.
Новинарот на весникот Тагесцајтунг со скептицизам гледа на вестите за „почетокот на преговорите со ЕУ“ . „Може да потрае толку време додека Македонија всушност не стане дел од Унијата. Доволно е да се фрли поглед на регионот за да се стопат надежите за брз пристап до Унијата.Така Црна Гора веќе преговара10 години и не стигна ни до половина од процесот“.
„Северна Македонија мораше да плати висока цена за ова. Со цел да се отстрани бугарската блокада, парламентот во Скопје го прифати предлогот на Франција: решавањето на нивните билатерални конфликти - со што Скопје треба да го официјализира бугарското малцинство со Устав - беше вклучено во главното поглавје од пристапните преговори. Ако ништо не се случи таму, Северна Македонија повторно ќе остане заглавена на патот кон ЕУ“.
„Тоа е многу веројатно, бидејќи најголемата опозициска партија најави дека нема да прифати промена на Уставот. А на владата и е потребна таа поддршка. Уште еден ќорсокак, значи, иако Северна Македонија веќе жртвуваше многу, па дури и името на државата. Северна Македонија е единствената земја на Балканот која спроведе кредибилни реформи во однос на зајакнувањето на владеењето на правото - и не беше наградена за тоа“.
„Затоа може да се радува Албанија, чиј шеф на владата Еди Рама, мора да се признае, продолжува да ја обликува земјата според неговите автократски идеи, но сега може да смета на подобри перспективи во преговорите отколку Северна Македонија“, пишува весникот Тагесцајтунг.