1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Компромисите се секогаш гнили“

Обработка: Андреа Јунг-Грим
27 мај 2022

Поранешниот американски министер за надворешни работи Хенри Кисинџер предложи давање територијални отстапки на Москва за да се стави крај на војната во Украина. Тоа наиде на поделени мислења.

https://p.dw.com/p/4Bwon
Schweiz Henry Kissinger WEF Davos 2017
Хенри Кисинџер зборуваше на Светскиот економски форум во ДавосФотографија: Laurent Gillieron/Keystone/AP Photo/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одлучно ја отфрли можноста за давање територијални отстапки на Русија за да се стави крај на војната. „Што и да направи руската држава, секогаш ќе се најде некој кој ќе каже: 'Дајте да ги земеме предвид нејзините интереси'“, рече Зеленски доцна синоќа во своето видео обраќање.

Таа изјава се однесува на предлогот на поранешниот американски министер за надворешни работи Хенри Кисинџер, кој неделава на Светскиот економски форум во Давос изнесе мислење дека Украина би требало да ѝ го препушти на Русија полуостровот Крим, кој го анектираше во 2014 година. Кисинџер на тој собир зборуваше за состојба „статус кво анте“, односно за повторно воспоставување на ситуацијата на терен каква што беше пред почетокот на војната во Украина на 24 февруари. До тогаш Русија формално го контролираше Крим, а неформално областите Луганск и Доњецк. 

Кисинџер предупреди на опасност од понижувачки пораз на Русија, кој, според него, на долг рок би ја загрозил стабилноста на Европа.

„Се добива впечаток како во календарот на господин Кисинџер да не стои 2022, туку 1938 година, и како тој да верува дека не зборува во Давос, туку во Минхен, пред тогашната публика“, рече Зеленски.

Во Минхен, во 1938 година, Велика Британија, Франција, Италија и Германија склучија договор со кој на Адолф Хитлер му е ветена Чехословачка за на тој начин тој да се откаже од натамошно освојувања. Но, една година потоа, Хитлер ја нападна Полска и со тоа ја започна Втората светска војна.

„Оние кои ѝ советуваат на Украина да ѝ даде нешто на Русија, тие ‘големи личности на светската политика', никогаш не се среќаваат со обичните луѓе, со обичните Украинци, со милионите луѓе кои живеат на таа територија која тие сакаат да биде разменета за некаков илузорен мир“, рече Зеленски.

- повеќе: Зеленски: Не отстапуваме украинска територија заради мир со Русија

„Тие неколку квадратни километри во Донбас“

Таа изјава на угледниот американски политичар Хенри Кисинџер, кој патем денес го прославува својот 99. роденден, не предизвика згрозување само во Украина, туку и на социјалните мрежи. Но, некои германски весници имаат малку поинаков поглед.

Така, во денешното издание на весникот „Зиддојче цајтунг“, под наслов „Тие неколку квадратни километри во Донбас“ се потсетува дека Хенри Кисинџер неодамна и самиот изјавил оти не ја сметал за можна руската инвазија на Украина. „За потоа да даде совет да не се ризикува стабилноста на Европа поради неколку квадратни километри во Донбас. Оној кој зад тие реченици наслутува бранител на Путин, или заговорник на оној начин на размислување кој Западот го обвинува за војната, тој ги поедноставува работите. Кисинџер само знае дека ништо не е толку тешко да се одржи како рамнотежата меѓу државите“, предупредува авторот на текстот во весникот „Зиддојче цајтунг“.

А, весникот „Велт“, на таа тема донесува текст под наслов „Компромисите се секогаш гнили“. Авторот признава дека е тешко да се следи Кисинџеровата „студена трезвеност“, но веднаш поставува прашање: „Но, дали поради тоа оваа анализа е погрешна?“ Натаму се цитираат изјавите на американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц дека војната е добиена дури тогаш кога Москва веќе нема да може да ги диктира условите за мир. „Но, што да се прави доколку тој момент никогаш не дојде?“, прашува авторот на текстот и потсетува дека Русија има армија која е втора по големина во светот и ресурси „на кои Украина одвај да може со нешто да им се спротивстави“.

„Накратко: му се допаѓало тоа некому или не, еден ден ќе мора да се преговара со Москва. Резултатот од тие разговори, по сила на приликите, веројатно ќе биде некаков компромис. Целта на Киев да ја воспостави Украина во онаа големина којашто ја имаше пред Крим да биде окупиран, веќе нема да може да се постигне“, заклучува весникот „Велт“.