1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот претседател: Моќта на зборот

Рихард Фукс
12 февруари 2017

Откако Трамп ја презеде претседателската функција во САД, многумина се чудат колкава е неговата моќ. Во Германија е сосема поинаку. Репрезентирање, бранење на демократијата - тоа се задачите на шефот на државата.

https://p.dw.com/p/2XKBg
Schloß Bellevue Symbolbild Bundespräsident Bundespräsidentenwahl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниот претседател на Германија е шеф на државата, но не и најмоќен човек во земјата. Неговата функција и задачите се значајно редуцирани, со оглед на искуствата од нацистичка Германија. Највисокиот претставник на Германија никогаш веќе нема да ја има целата моќ во свои раце. Тоа е разликата меѓу функцијата претседател на Сојузна Република Германија и неговите претходници од Вајмарската Република (1918 до 1933. година), кои беа некој вид „заменик-цар“, за врз диктаторот Адолф Хитлер конечно да биде префрлена целата власт. 

Натпартиски, далекувид

Денешниот Сојузен претседател не владее, туку ја претставува државата. При државните посети во странство, германскиот Сојузен претседател е „лицето и гласот на Германија.“ Во земјата тој го симболизира „единството на државата“, како што потврди и Сојузниот уставен суд во 2014. година. За да го гарантира единството, Сојузниот претседател мора да се однесува натпартиски, во своите говори меѓутоа изразува ставови кои се огледало на германскиот устав и законите. Вообичаено, претседателот, доколку припаѓа на некоја политичка партија, во текот на мандатот членството го става во мирување. 

Во државната поделба на моќта, функцијата на Сојузниот претседател е издвоена од извршната, законодавната и управната власт. Оној кој ја извршува функцијата Сојузен претседател може, настрана од политичкото секојдневие, да дава импулси за натамошен развој на демократијата и правната држава. Тоа го доживеа и досегашниот претседател, Јоахим Гаук. Претседателската функција му дала „здрава самодоверба“ во комбинација со сознанието дека не сноси за сѐ политичка одговорност. „Тоа ви дава слобода одвреме-навреме нешто мирно и отворено да изјавите,“ рече Гаук.

На таков начин, Сојузниот претседател треба со своите говори да дејствува врз решавањето на национални и меѓународни проблеми. Тој дава поттик, а задачата за спроведување останува на надворешната политика и сојузната влада со нејзините министри. Претседателите се залагаат за човекови права, промовираат владеење на правото и демократски дијалог. Во основните теми на оваа функција исто така спаѓаат осигурување мир, борба против тероризмот, европско единство и заштита на климата и природната околина. Знакот кој го дава германскиот претседател мора да биде од национално значење. Тоа е она што ја ограничува неговата функција.

Lettland Riga Besuch Joachim Gauck
Претседателската функција му дала „здрава самодоверба“ - Јоахим ГаукФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Законите стануваат важечки со негов потпис

Ако Сојузна Република Германија склучи меѓународен договор, него, во име на државата, го потпишува претседателот. Слично е и со усвоените закони во Бундестагот и во Бундесратот. Тие влегуваат во сила дури со потписот на претседателот. Шефот на државата притоа проверува дали законот е и формално исправно донесен. Но, Сојузниот претседател на некој начин е и адвокат на демократијата, тој мора да потврди дека одделниот закон одговара на духот на германскиот устав. Во историјата на СР Германија имало осум случаи во кои претседателите одбиле да потпишат закон. Законот за новото регулирање на безбедноста од летото 2006. година беше еден од нив - претседателот Хорст Келер одби да го потпише и законот подоцна беше повлечен. 

Функцијата германски претседател е важна во кризни случаи. Претседателот може да распише и нови избори доколку канцеларот кој е на власт, ја загуби поддршката во парламентот. Претседателот му предлага канцелар на парламентот, ги именува и разрешува министрите, како и сојузните судии, високите државни функционери и воени лица. Покровителствата на различни манифестации се исто така дел од должностите на германскиот претседател. Тој ги прима и акредитивите на амбасадорите од другите земји.

Граѓаните се среќаваат со претседателот на неговите патувања низ земјата. Тој на заслужните граѓани им доделува државни ордени и признанија. Често се случува кај некого дома да стигне и роденденска честитка лично од претседателот. Лани германскиот претседател им честитал роденден на 4.000 Германци кои наполниле сто или повеќе години живот. Тој презема врз себе и поддршка на семејства со седум и повеќе деца.