Германски тајни служби: До каде ќе оди Путин?
4 март 2022Војната во Украина се набљудува со сателити од вселената, со помош на информанти од лице место, телевизиски извештаи и приватни видеа и фотографии на социјалните мрежи. И, преку прислушувани радио пораки. Експертите на германската разузнавачка служба БНД и Бундесверот секојдневно ги анализираат движењето на руските трупи и отпорот на украинските сили. Прогнозите на експертите за можниот натамошен тек на војната, притоа, не се многу оптимистички.
Во Кремљ има цврста решеност за продолжение на походот. Москва сака брзо да го стави под своја контрола барем истокот на Украина, се вели од германски безбедносни кругови, а се планира и заземање на Киев. Најкрвавата фаза на војната можеби допрва претстои. Зашто, Путиновата војска сѐ уште нема употребено некои системи од својот арсенал со оружје, а освен тоа, како што се вели, некои единици кои стојат подготвени на границата сѐ уште не се вклучени во операциите.
Луѓето околу Путин се и натаму на негова страна
Во моментов нема никакви индиции дека руската инвазија би можела да ја загрози моќта и влијанието на Путин. Напротив, опкружувањето на Путин му е сѐ уште лојално. Шпекулациите околу здравствената состојба на Путин не се од помош, се вели од безбедносни кругови. Докази за некаква болест нема.
Сепак, има сознанија дека рускиот властодржец во текот на изминатите месеци сѐ повеќе се повлекувал и читал пред сѐ историски и идеолошки книги и документи, а пишувал и свои трактати. Речиси воопшто не се занимавал со внатрешнополитички или економско-политички прашања.
Фрустрацијата на руската армија е голема
Украинската армија постигна релативно важни успеси и одби неколку бранови на напад на Русите, меѓу другото и со помош на западно оружје и опрема. Освен тоа, како што се вели од германски безбедносни кругови, руските загуби по една недела војна се прилично сигурно далеку поголеми од она што официјално се соопштува – 500 загинати и 1600 ранети војници.
Руската страна веројатно сметаше со далеку побрзо пробивање и заземање на стратешки важни градови, како Харков, Херсон, Мариупол, Одеса или Киев. Фрустрацијата кај руската армија е голема, направени се логистички грешки, снабдувањето со храна, бензин и муниција оди секако, само не мазно. Информациите за дезертирани и дезилузионаризирани припадници на руската армија се веродостојни, проценуваат германските безбедносни власти.
Безбедносните експерти сметаат со заземање на Киев
Во првите бранови на рускиот напад на Украина се вклучени пред сѐ неискусни, млади војници, честопати и војници кои го служат воениот рок. Тоа е можеби направено сосема свесно, проценуваат германските безбедносни експерти. Можно е дури од тактички причини овие единици да се жртвувани за украинската армија да се вовлече во исцрпувачки борби, а потоа да се вклучат нови, подобро вооружени и значително поискусни единици, за да се опколат градовите. Треба да се смета и со заземање на главниот град Киев, се вели од безбедносни кругови. Кога би се случило тоа е нејасно. Претходно може да има подолго воено опколување на градот, со делумно катастрофални последици за населението и прекин на снабдувањето со вода, храна и електрична енергија.
- повеќе: Киев: Недостигаат храна, вода и лекови, а стравот се зголемува
Во едно вакво сценарио, за кое се дискутира од страна на германски воени експерти, руската армија би можела да создаде хуманитарен коридор, поврзано со понуда до цивилите безбедно да го напуштат градот. Преостанатите, во најлош случај, би можеле од страна на руските трупи да бидат паушално третирани како непријателски борци и против нив да се води борба. Слично како во Првата чеченска војна на средината од 1990-тите, кога беа уништени големи делови од главниот град Грозни.
Патувањето на претседателот на БНД во Киев
Кога сѐ укажуваше на војна, Бруно Кал, претседател на германската разузнавачка служба БНД, минатата недела отпатува во Киев – во знак на солидарност и - партнерство. Неговите украински колеги претходно, на Минхенската безбедносна конференција, лично го замолија да не ја откажува долго планираната посета. Тоа патување потоа се покажа како многу потешко од планираното. Во среда, 23 февруари, Кал со мала делегација отпатува во Киев со авион - шефот на БНД е единствен раководител на германска институција кој има службено летало. Авионот веднаш потоа повторно полета и замина во соседна земја. Се сакаше да се избегне ризик авионот да биде уништен во евентуален ракетен напад или дури можеби да падне во рацете на руската армија.