Германските туристички атракции во време на корона
Уште одамна низ дворецот Нојшванштајн не се поминува без река туристи. Посетителите се туркаат пред сите знаменитости. Но, во доба на корона, постои ретка прилика доживувањето да се има речиси само за себе.
Дворецот Нојшванштајн
Баварскиот крал Лудвиг Втори бил самотник и самотијата ја сакал и во своите дворци. Но, по неговата смрт во 1886 година, во неговите резиденции има се повеќе туристи. Најпознатата - дворецот Нојшванштајн, во една сезона го посетуваат и по 6.000 луѓе дневно. А сега ги има само околу илјада на ден.
Катедралата во Келн
Обично таа е полна, речиси како и на блиската железничка станица. Но, во време на пандемија на коронавирус, во катедралата смеат да бидат истовремено само 300 лица. Затоа, посебно на викенд, се формираат долги редици на оние кои чекаат. А кога ќе влезат, имаат речиси единствено доживување на огромната катедрала без безбројни посетители.
Дворецот Хајделберг
Романтичниот дворец, делумно во урнатини, кој се наоѓа над реката Некар, инаку го посетуваат околу 4.000 туристи дневно. Сега се преполовени, но управникот на дворецот, Михаел Без не се лути поради намалувањето на бројот продадени влезници: „Сега можете да го доживеет дворецот на посебен начин“.
Хамбуршката филхармонија
Импозантната новоградба на филхармонијата над Лаб од која се пружа величествена глетка на цел Хамбург, исто така обично е преполна, а билети се купуваат со недели однапред. Сега е можно скоро да вшетате во неа, но сепак се советува претходно да се купи влезница. Бројот на посетители е строго ограничен.
Куполата на Рајхстагот
И во Берлин е тешко да се влезе во зградата на парламентот и да се прошета по стаклената купола од која се пружа поглед на цел град и пленарната сала на германскиот парламент. Сега е уште потешко: доаѓање е можно само со претходн најава и во исклучителни случаи. Инаку куполата е затворена.
Берлинскиот Остров на музеи
Познатата биста на Нефертете минатата година ја виделе 4,2 милиони луѓе. Сега бројот на посетители е строго ограничен и за обиколка имаат на располагање само ограничено време. Ако сега сакате да ја видите бистата, потребно е однапред да резервирате влезница.
Цветниот остров во Маинау
На Островот на цвеќето во Боденско Езеро нема ограничувања за посетителите, но нив ги има многу помалку од обично. Порано доаѓаа полни автобуси, а во доба на пандемија можете на мир да го погледнете баш секој цвет.
Богородичната црква во Дрезден
За познатата, срушена па потоа обновена „Фрауенкирхе“ во Дрезден исто така важат строги прописи: во нејзината купола смеат да влезат само 50 лица, а во црквата вкупно 40. На концертите кои се одржуваат таму дозволено е присуство на 350 посетители, инаку ги има 1660. Редовно се бара карта повеќе.
Ротенбург об дер Таубер
Ова сликовито гратче во Баварија во кое имате впечаток како да сте се вратиле во среден век, инаку има само десетина илјади жители. Но, секоја година доаѓаат во посета 1,9 милиони туристи. Поголемиот дел од нив се од Америка и Азија, но овие денови нив практично ги нема. Тоа сепак не значи дека гратчето е празно, во него сега уживаат домашните германски туристи.