Германците трупаат залихи на масло
15 март 2022Украина е најважниот лиферант на сончогледово масло за Германија. Поради војната, за неколку недели ќе дојде до недостиг на овој вид масло за јадење, прогнозира сојузот на компаниите од индустријата за масло - Овид. „Резервите најверојатно ќе бидат доволни за уште само неколку недели“, изјави раководителот на Овид, Герхард Бранкачк за агенцијата ДПА.
Во моментов од Украина воопшто не стигнува сончогледово масло. Меѓутоа, како што се нагласува, потрошувачите во Германија може да преминат без проблем на друг вид масла за јадење, како она од маслодајна репка. Во тој дел не се очекува недостиг.
Украина со 51% и Русија со 27% се најважните светски извозници на сончогледово масло. Германија 94% од своите потреби за сончогледово масло ги покрива од увоз, а само 6% од ваквиот тип масло доаѓа од домашно производство. „Сега веќе не доаѓа ништо“, се вели од Овид. Притоа, ситуацијата со сончогледовото масло беше и онака веќе напрегната поради лошата жетва во Канада и логистичките проблеми поради пандемијата на коронавирус. Поради тоа, цената на маслото се зголеми уште пред почетокот на војната во Украина.
Ќе продолжи поскапувањето на храната
Сојузот на германската трговија со храна (БВЛХ) упати повик до германските граѓани да не создаваат залихи и покрај тоа што доаѓа до проблеми во снабдувањето со одделни намирници, како сончогледово масло и брашно. „Како и на почетокот на корона-кризата“ купувачите треба „да се однесуваат солидарно едни со други и да купуваат онолку производи колку што се неопходни за домаќинството“, изјави портпаролот на БВХЛ, Кристијан Бетхер.
Тој во изјава за РНД пренесува оценки на економисти дека „поскапувањето на прехранбените намирници ќе продолжи“. Меѓутоа, поради турбуленциите на пазарите, не може да се даде подолгорочна прогноза.
Сојузот на германската трговија (ХДЕ) неодамна соопшти дека не смета со криза во снабдувањето со храна поради војната во Украина. И министерот за земјоделство Џем Ездемир смета дека снабдувањето е „сигурно“, но предупреди од зголемување на цените.