„Ги сликав Тито и Сталин“
9 мај 2017Понекогаш спомените оживуваат, сеќавањата добиваат боја и мирис. Одамна научените зборови повторно се враќаат на површина. Тогаш Антон Дернбах (92) ја поздравува својата куќна помошничка од Полска на српски, и посакува „добар дан“, а ја поздравува со „довиѓења“ кога си заминува. Понекогаш ќе си ја запее старата песна „Друже Тито, ој друже Тито, љубичице бела; тебе воли, ој тебе боли, омладина цела“. И притоа се смешка, лицето му е озарено. Тоа често му се случува кога раскажува како научил српски.
Имал 17 години кога во 1942 година во родниот Мајнц бил мобилизиран во тогашната германска војска- Вермахт. Бидејќи не сакал да оди со пешадијата на Источниот фронт, доброволно се пријавил во морнарица- во врска. Најпрво служел во Норвешка, а во февруари 1944 добил прекоманда во Трст. Животот во Трст бил комфорен, без воени судири, со блага клима. „Имавме убав поглед врз пристаништето“.
„А тогаш завладеа тишина“
Така било сѐ до мај 1945. „А тогаш одеднаш завладеа тишина, сѐ застана, се зборуваше дека војната е завршена. Адолф беше мртов“, се присетува Антон Дернбах. На 2 мај 1945 во Трст веќе влегоа војници на Четвртата југословенска армија под команда на Петар Драпшин и Антон, заедно со илјадници други германски војници, паднал во југословенско заробеништво.
„Тогаш за првпат видов партизани. Многу од нив беа во бедна состојба. Некои за оружјето немаа ниту ремен, туку го врзуваа со коноп, на многумина облеката им беше искината“, раскажува Дернбах. А германските војници биле добро опремени, имале полни ранци и добра облека. „Јасно дека не претресуваа и си земаа сѐ што ќе посакаа“.
Многумина се плашеле дека ќе завршат во Сибир, но овојпат стравот бил неоснован: далеку од советските трупи, кои имале првенство на пристап до германските заробеници, колоната воени заробеници најпрво била упатена кон Сењ, а таму распоредена во помали групи. Дернбах со својата работна група завршил во Врховина, во Лика. Задачата им била обнова на патиштата. „Тоа беше тешко време. Работевме многу напорно, а храна имаше малку. Хигиената беше многу лоша, насекаде имаше вошки, многумина беа болни од тифус. Од тоа многумина умреа“, се присетува Дернбах. Но, имало и убави моменти.
„Кога покрај нас минуваа селанките кои одеа на пазар да продаваат овошје и зеленчук, често ни фрлаа по парче леб. А тоа беше 1945! Тогаш омразата кон нас беше голема, ние бевме виновни за сѐ“.
Опасни времиња
Не постојат прецизни податоци за тоа колку точно германски воени заробеници имало во Југославија по крајот на војната. Според белградскиот историчар Бојан Димитријевиќ, бројката била близу 110 илјади. „Во првите денови по завршувањето на воените операции, од 5 до 25 мај, на повеќе локации имало ликвидации на германските заробеници“. Бројот подоцна опаѓал и поради епидемијата на тифус која зафатила повеќе заробенички логори во 1945. „Може да се каже дека до крајот на нивниот престој во Југославија, таа бројка била околу 90 илјади“, вели Димитријевиќ.
Антон Дернбах преживеал, иако преживеал тешка болест- тифус. Од Врховина бил префрлен во Земун, па оттаму во Сремска Митровица, за на крајот, во март 1946 да заврши во Вучје кај Лесковац. Таму останал во следните три и пол години, до крајот на заробеништвото.
Партизански песни
„Тука научив малку српски. Најпрво пцовките. На почетокот имаше многу омраза кон нас, ни велеа 'Ајде Швабо'. Подоцна стана подобро и ние станавме 'Германци'. Навечер често ги слушавме стражарите додека седат покрај оганот и пејат: „Друже Тито, ој друже Тито...“ Тоа ми остана во глава, тоа повеќе не можам да го заборавам“, вели Дернбах.
Тој не бил технички образован, но имал талент за сликање: во слободно време за логорскиот весник цртал илустрации. Тоа наскоро се прочуло и во блиската Фабрика за волнени ткаенини во Лесковац. „Еден ден кај мене дојдоа директорите од фабриката. Беше тоа пред 1. мај. Ме прашаа дали би можел за парадата во Лесковац да го насликам нивното фабричко возило. Се согласив и ми дозволија слободно да се шетам по погоните. На возилото го насликав производниот процес во фабриката- од волна до готова ткаенина“.
Сликата добила пофалби на првомајската парада и состојбата на Антон Дернбах од тој момент целосно се променила. Не морал повеќе физички да работи и добил своја канцеларија во фабриката како официјален сликар. Изработувал секакви видови транспаренти: сликал ѕвезди петокраки, пишувал пароли... По потреба и на кирилица. „Кога им беа потребни слики од Тито или Сталин, јас ги сликав. Ми носеа мали фотографии, а јас потоа ги зголемував и ги пренесував на платно. Сликав сѐ што требаше- да ми речеа, и Хитлер ќе им го нацртав“.
Зборовите сами навираат
Со текот на време во Вучје биле воспоставувани контакти на германските воени заробеници со локалното население. Некои од мештаните знаеле по малку германски, а Германците учеле српски зборови. Од „Шваби“ станале „Германци“. „Кога во селото имаше некоја свадба или веселба не викаа. Тогаш пиевме ракија, а жените постојано долеваа во чашите. Воопшто не знам како го наоѓавме патот назад“, се присетува Антон. „Јас и денес сакам да пивнам ракија. Тука во Мајнц можам да купам Стара Шљивовица“.
По 1019 денови минати во Вучје, заробеничкиот логор е распуштен во 1948 година. Антон Дернбах викан Тони, заедно со своите другари со воз е испратен во Германија. Кога стигнал таму, го чекала уште една разурната земја, уште една обнова. „Имаше многу убави моменти во Југославија“, вели Антон, „а тоа што воопшто бевме заробеници, тоа беше последица на војната- која ние ја почнавме“.
Во Вучје или во Лесковац подоцна никогаш веќе не се вратил. Но спомените останале, како и сеќавањата кои од време на време оживуваат. „Понекогаш и денес, кога сум в кревет, разговарам сам со себе на српски. Сам си поставувам прашања и одговарам на нив. Иако знам дека граматиката не ми е добра“.