1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глигоров ги видел картите на Туѓман за поделба на БиХ

25 март 2011

Поранешниот македонски претседател Киро Глигоров во разговор за Дојче Веле потврдува дека Фрањо Туѓман му ги покажал картите за поделба на БиХ, договорени со Слободан Милошевиќ пред 20-години во Караѓорѓево.

https://p.dw.com/p/10hLn
Алија Изетбеговиќ (л.), Фрањо Туѓман (средина) и Слободан Милошевиќ (д.) пред почетокот на мировните преговори во ДејтонФотографија: AP

На денешен ден, 25 март, пред точно 20 години, се одржа познатата средба на српскиот и хрватскиот претседател од тоа време, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман во Караѓорѓево. Иако не постојат никакви писмени траги или документи за содржината на тие разговори, до ден денес многумина сметаат дека двајцата господари на војната на просторите на екс-Југославија токму овде ја договарале поделбата на Босна и Херцеговина. Таквите наоди засега ги потврдуваат бројни хрватски политичари и соработници на Туѓман, но во Србија темата и натаму се смета за табу, а сите поранешни соработници на Милошевиќ тврдат дека немало договор за поделба на БиХ.

Босанската редакција на Дојче Веле на оваа тема разговараше и со поранешниот македонски претседател Киро Глигоров, кој за првпат отворено кажува дека на средба со Туѓман во Загреб, поранешниот хрватски претседател му ги претставил плановите за поделба на БиХ и дополнително барал од него да биде и посредник кој ќе го убеди тогашниот босански претседател Алија Изетбеговиќ во исправноста на планот.

Еве го сведочењето на Глигоров за средбата со Туѓман:

„Тие седеа во кабинетот кога јас дојдов. Шефот на кабинетот веднаш отиде кај Туѓман за да му каже дека сум дојден. Туѓман веднаш дојде и ме повика со зборовите: ’Дојди Киро да ти покажам нешто’. Влегов внатре, а тој веднаш отвори сеф и од него извади некакви карти, ги рашири на масата и ме повика: ’Дојди да гледаш. Ова е решение за БиХ, таа мора да се подели’. Се’ беше одбележано кому ќе му припадне, секое село, град... Се разбира поголемиот дел и’ припаѓаше на Србија, еден помал дел на Хрватска, а останатото беше нешто што требаше да претставува некаква муслиманска државичка. Туѓман рече: ’Тоа е единственото решение, инаку ќе има војна. Јас би те замолил, ти си добар пријател со Изетбеговиќ, да отидеш до Сараево и да го убедиш дека е ова добар план и да ја завршиме работата’.

Kiro Gligorov
Киро ГлигоровФотографија: dpa

Го слушав, а во себе си мислев дека тоа не би го сторил при здрав памет, па му велам: ’Слушај, јас не можам да учествувам во таква работа. Тоа е поделба на живо тело. БиХ и за време на османлиското ропство беше посебен ентитет, во поранешна Австро-Унгарија исто така. Сега да се дели Босна, јас не знам какви последици би имало тоа и те молам мене да не ме ангажираш за такви работи’“, се сеќава поранешниот македонски претседател Киро Глигоров во разговорот за босанската редакција на Дојче Веле, по повод 20-годишнината од средбата во Караѓорѓево меѓу Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман.

Автор: БГ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска