1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Глобал Медиа Форум дискутира за глобалната нееднаквост

Матијас фон Хајн
11 јуни 2018

Глобалната нееднаквост е тема на 11. Глобал Медиа Форум во Бон. Над 2000 учесници од различни земји ќе дебатираат како медиумите да се справат со ова и практично да покажат што сѐ може да се преземе против нееднаквоста.

https://p.dw.com/p/2zH3k
Global Media Forum GMF 2018

Кога политичарите и бизнисмените, луѓето од медиумите, како и претставниците на невладини организации и научници го прават планот за месец јуни, тогаш овие три дена најчесто им се веќе забележани и резервирани во календарот, бидејќи тогаш се одржува Глобал Медиа Форум (ГМФ) во организација на Дојче Веле. Годинава се одржува од11 до 13 јуни, а на 11. форум по ред централна тема е „Глобалната нееднаквост".

Во меѓувреме Форумот се етаблираше како најголема медиумска конференција во Германија. Годинава се очекуваат околу 2000 гости и учесници од над 120 земји. Затоа, за генералниот директор на Дојче Веле, Петер Лимбург, ГМФ е „една уникатна платформа за размена на мислења на новинари од разни земји, како и со менаџерите на медиумите на нашите партнери ширум светот и со луѓе кои се посветени на медиумите и слободата на печатот". Лимбург оценува: „Глобал Медиа Форум секоја година покажува колкава мрежа има Дојче Веле и колку е поврзано низ светот. Од оваа размена и дијалог може многу да се научи.“

Closing Ceremony Deutsche Welle Global Media Forum 2017
Петер Лимбург, генерален директор на ДВ Фотографија: DW/H. W. Lamberz

„Мобилните телефони како агенти на промена“

Најмногу пријавени учесници има од Пакистан и Бангладеш, како и од африканските земји, вели Верица Спасовска, која од годинава е одговорна за содржините на Форумот. Над стотина новинари од земјите во развој и неразвиените земји годинава ќе имаат можност да присуствуваат на форумот „благодарение на добрата соработка со Министерството за надворешни работи", нагласува раководителот на ГМФ, Гидо Шмиц. Тој го нагласува и партнерството со покраината Северна Рајна Вестфалија како „важно за успехот на оваа конференција.“

На темата „Глобална нееднаквост" ќе се дебатира на околу 60 настани. На политичко ниво, на пример, присутна ќе биде еврокомесарката за дигитална економија Марија Габриел, како и поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи, кој претходно во едно интервју за ДВ предизвика тензии со изјавата во која ги обвинува Пакистан и САД за лошата ситуација во Авганистан.

На сосема практично ниво, меѓу другото се очекува новинарот Јусуф Омар. Пионерот на „мобилно новинарство" ќе објаснува како мобилните телефони може да се искористат во борбата против нееднаквоста. „Ако пенкалото е посилно од мечот, тогаш мобилните телефони се нашите моќни агенти за промена", изјави Омар во едно интервју за ДВ пред почетокот на ГМФ.

За генералниот директор на ДВ, Лимбург затоа е многу важно „да се соочиме со тоа каде настанува нееднаквоста, всушност онаму каде тоа се третира како нешто нормално и што може да направиме за да се справиме со тоа. Дури и ако знаеме дека никогаш нема да има апсолутна нееднаквост во светот, мора да се стремиме кон тоа сите да имаат еднакви права. Конкретно се поставува прашање - што тоа ќе значи за наша новинарска работа." Лимбург нема само да го отвори Форумот. „Многу важен настан во рамките на форумот за мене е и доделувањето на Наградата за слобода на говор и јас ја имам честа да водам разговор за Европа со Навид Кермани", објаснува генералниот директор на ДВ.

How to break the internet with videos by mobiles and for mobile devices
Јусуф Омар, пионер на „мобилно новинарство" Фотографија: DW/H. W. Lamberz

„Интерактивно, со поголемо директно учество и повеќе дијалог"

Спасовска, која ја подготвуваше програмата за годинава, повеќе акцент стави на проширување на интерактивноста, поголема вклученост на учесниците и повеќе дијалог. „Го намаливме бројот на панели во кои три до четири експерти дебатираат меѓусебно на бина. Наместо тоа, го зголемивме бројот на настани во кои панелистите ќе седат во публика" , појаснува таа.

Тим за социјални медиуми ќе се грижи за тоа сите клучни настани, прашања, дилеми, дебати брзо да се пренесуваат преку Твитер. Тоа е многу интересно и поради фактот што ќе има пренос во живо од ГМФ на интернет. Така што, оној што не успеал да стаса до Бон во најмала рака ќе може виртуелно да присуствува на конференцијата. „Мината година имавме отприлика околу 40000 кои го гледале преносот во живо," вели Спасовска.

Новина, според Спасовска, е дека последниот, трет ден од конференцијата, нема да биде поврзан со главната тема, туку ќе биде целосно посветен на „предизвиците и шансите кои им ги нуди дигитализацијата на медиумите". Овој конференциски ден е насловен како „Лабораторија за медиумски иновации" и има свој посебен профил. „На учесниците во салата ќе им даде задачи за да ги поттикнеме да дебатират и да ги претстават своите идеи во 30 минути. Дополнително, ќе има и повеќе работилници каде луѓето може да научат нови нешта и каде ќе бидат презентирани нови иновативни идеи. Ќе има и многу сесии на кои ќе се претстават најдобри примери од праксата – ова се се многу важни аспекти во медиумската работа,", појаснува Спасовска.

Нееднаквоста мапирана со дронови

Изложба на слики од африканскиот фотограф Џони Милер исто така директно ќе ја третира темата на глобална нееднаквост.

„Сликите се многу импресивни, покажувајќи го контрастот на паралелното живење во сиромашните и богатите квартови во голем број големи градови низ светот", објаснува Спасовска. На конференцијата има и музички дел со перформанс на германскиот реге пејач Патрис Барт-Вилијамс и британската поетеса, композиторка и пејачка Ане Кларк.

Лимбург е оптимист поради она што го нуди конференцијата и додава дека е „важно да продолжиме да го развиваме и прошируваме Глобал Медиа Форум за да може да се остварат нашите цели – ГМФ да стане најважната медиумска конференција во меѓународни рамки.“