Глобалниот топлотен бран што убива
21 јули 2018Повеќето од нас уживаат во сончевите денови и се жалат кога врне- но зад чистото небо се наоѓа помалку пријатна реалност. Од јуни 2018, повеќе региони во светот се соочуваат со пеколни температури кои предизвикуваат пожари, уништени земјоделски култури и смрт на луѓето.
Најтоплата година во историјата беше 2016, поради комбинација од глобалното затоплување и силниот ефект на Ел Нињо. Иако во 2018 се случува обратен климатски процес- Ла Ниња- која води кон намалување на температурите- овогодинешниот јуни е еден од најтоплите во историјата.
Под топлотен бран се подразбира период од најмалку пет дена со температури од 5 степени над просекот.
Екстремно топли поединечни денови можат да бидат исклучок и најчесто немаат врска со топлотни бранови или глобално затоплување.
Но, трендот е јасен: како резултат на климатските промени, треба да очекуваме уште поекстремни и почести топлотни бранови, вели за ДВ Клер Нулис од Светската метеоролошка организација.
Топлотен удар
За некој од јужна Европа, 30 степени целзиусови не се ништо посебно. Но, тоа е дефинитивно невообичаено за жители на Обединетото Кралство или Ирска каде нормалните температури во јуни не надминуваат 20 степени. На 28 јуни, во Глазгов беше измерена највисоката температура во јуни во историјата со 31,9 степени, додека во ирскиот град Шенон достигна 32 степени.
Германците уживаа- или страдаа- под температури над 30 степени целзиусови во поголемиот дел од мај и јуни. Северна Америка исто така не го избегна топлотниот бран. Денвер и Лос Анџелес беа меѓу неколкуте градови во САД каде беа измерени рекордно високи температури. Во канадскиот Монтреал беше измерена највисока температура во последните 147 години. Во топлотниот бран загинаа повеќе од 70 луѓе.
Во сценариот за климатските промени, екстремни топлотни бранови може да се случуваат „на секои две години во втората половина од 21 век“, предупредува Владимир Кендровски, технички офицер за климатски промени и здравје во регионалната канцеларија на Светската здравствена организација во Бон.
„Топлотните бранови предизвикаа повеќе жртви во Европа во последните децении отколку било кој друг настан поврзан со екстремно време“, вели Кендровски за ДВ.
Пораст на загадувањето
Високите температури го зголемуваат нивото на загадувачи во воздухот затоа што ја зголемуваат брзината на хемиските реакции. Тоа пак го зголемува ризикот од кардиоваскуларни и дишни заболувања. Честичките како поленот, кои можат да предизвикаат астма, се исто така повисоки во екстремно топли температури, велат во СЗО.
Невообичаено високите ноќни температури не дозволуваат мирен сон, и му оневозможуваат на телото да се опорави од дневните горештини.
Ранливите групи како малите деца и постарите најмногу страдаат, вели Симоне Сандхолц, од Институтот на ОН за животна средина и човечка безбедност. Повеќе жртви на екстремните топлини живеат во густо населени урбани средини, каде вентилацијата е недоволна, додава таа.
И доколку некогаш сте почуствувале дека мозокот не ви функционира поради топлината, науката вели дека веројатно сте во право. Топлото време ви ја намалува брзината на мислечкиот процес за околу 10 проценти, вели последната студија.
Време за адаптација
Доколку здравствените системи се подобро подготвени и координирани со метеоролошките, здравствените проблеми од топлотните бранови и топлото време можат да се превенираат, вели Кендровски. „Тоа е добрата вест“, потенцира тој.
Сандхолц ја потенцира улогата на адекватното урбано планирање заради намалување на влијанието на топлината во урбаните средини. Едноставни промени, како изградба на зелени зони или креирање на коридори за ветер, можат да направат голема промена.
Не смееме да ја потцениме топлината, заклучува Сандхолц.