Насилството добива загрижувачки димензии
22 јули 2015Трендот добива загрижувачки димензии - т.н. „злосторства од омраза“ стануваат се` побрутални. Јавноста е сведок на постојани препукувања на политичките противници околу тоа кој е одговорен и кој ја подгрева ваквата состојба, но не и на соодветен одговор на надлежните институции. Експертите се загрижени, особено по последните случаи со претепани претставници на седмата сила:
„Овие настани се продукт на говор на омраза и продуцираат дела од омраза. За сето тоа ние имаме податоци кои упатуваат дека овие настани коинцидираат меѓу себе. Ако до 2014 регистриравме дела поврзани со етничка припадност, сексуална ориентација, во 2015 се регистрираат инциденти, физичко насилство и пресметки коишто ја имаат својата основа во политичката припадност. Соопштението на ВМРО ДПМНЕ по однос на инцидентот на вицепремиерот Владимир Пешевски врз Саше Политико е само охрабрување за продолжување на овие напади. Тоа соопштение од наша страна ќе биде документирано како своевиден документ, во којшто може да се забележи говор на омраза. Она пак што се случи со сопственикот на порталот Доказ упатува на тоа дека овие настани нема да престанат“, реагира Уранија Пировска, претседател на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија.
Оваа невладина организација на својата интернет страница преку интерактивна мапа ги регистрира т.н. злосторства од омраза. Најголем дел од овие настани се во Скопје, а мотивите се различни. За добар дел од случаите е поднесена претставка до надлежните институции, но загрижувачки е, вели Пировска, што нема соодветна реакција:
„Повеќепати бевме сведоци и на друг вид инциденти, на пример со новинарите Борјан Јовановски, Бранко Тричковски, Сашо Ордановски. Да не зборувам и за социјалните медиуми, каде се шири говор на омраза кон една група на луѓе, активисти, каде притоа коментарите на таквите нивни статуси се навистина сериозни. Тука имате буквално транспарентно повикување на насилство. Евидентно е дека начинот на којшто државата не се справува само продуцира уште поголемо насилство и охрабрување. Ќе апелираме институциите да станат функционални, но не сметаме дека ќе има некаков исход. Се‘ додека оваа власт го има Министерството за внатрешни работи јас не очекувам некаков исход, особено што мислам дека сега кога е извесно дека ќе се соочат со кривична одговорност, ако се има предвид извештајот на Рајнхард Прибе, се` повеќе губат контрола во тоа што го прават. Фактички е можно и со политичките противници дека ќе се соочуваат на ваков начин. Со податоците што ги имаме ќе ја покажеме неефективноста на МВР и немањето политичка волја во општеството да се разрешат проблемите кои во основа се базираат на омраза, нетолерантност на личности“, реагира Пировска.
Вербалното преминува во физичко насилство
Загрижени се и новинарите, или барем дел од нив, кои по последните настани со право реагираат дека се чувствуваат небезбедни. Без соодветен одговор на надлежните трендот може многу лесно и да се влоши предупредуваат од новинарскиот синдикат:
„Во јавноста веќе подолго време доминира вербално насилство како главен наратив и прашање на време беше кога ќе се премине од зборови на дела. Омразатa, делбите и понижувањата промовирани од највисоките претставници на власта според неа го диктираат начинот на комуникација во целото општество и за жал се инфилтрираа и во професијата која, барем според својата дефиниција, би требало да биде промотор на разумот, аргументите и дебатата. Се плашам дека влегуваме во циклус кога и физички можеме да ги видиме последиците од тоа несовесно и неодговорно однесување, како што се плашам и дали како професија ќе успееме да го пронајдеме патот назад. Ако ме прашате ’како да се запре’, одговорот е навидум едноставен, но се покажа во пракса многу тешко изводлив: оние кои се на позиција да ја водат државата се тие кои прво со сопствен пример, со сопствениот говор во кој не смее да има место за покажување со прст на ’предавници’, ’платеници’ на секоја критика, а потоа и со дистанцирање и санкционирање на промоторите на говорот на омраза кои сега се чувствуваат охрабрени и поттикнати, можат и мораат да ја запрат оваа спирала на зло. Во спротивно, тие се одговорни, а последиците ги чуствуваме сите“, предупредува Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари.
Европски ден на жртвите од криминалот на омраза
Надлежните институции тврдат дека постапуваат и реагираат соодветно по случаите на пријави за говор или насилство од омраза. Од Министерството за внатрешни работи велат дека во функција на полесно детектирање и справување со овие појави имаат воведено и апликација на нивната интернет страница, на која граѓаните можат да пријавуваат какви било сознанија или информации меѓу другото и за криминал од омраза и повикување на насилство.
По повод Европскиот ден на жртвите од криминалот на омраза Хелсиншкиот комитет денеска ќе промовира и публикација за криминалот на омраза. Преку тековниот проект „Унапредување на националната инфраструктура против говор на омраза и злосторства од омраза“, поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје од 2013 година до денес, Хелсиншкиот комитет евидентирал 223 инциденти сторени поради омраза. Лани биле регистрирани 84, а досега годинава 22.