1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горлив апел на папата против војната во Сирија

ЖА/дв/ртре/макфакс8 септември 2013

Папата Франциско се обидува моралната сила на својата функција да ја употреби против беснеењето на оружјето во Сирија. Војната не носи мир, потребно е помирување, истакна папата на молитвеното бдеење.

https://p.dw.com/p/19diJ
Фотографија: Reuters

Околу 100 илјади луѓе присуствуваа вчера (07.09.2013) на молитвеното бдение за Сирија на челникот на Римокатоличката црква папата Франциско, посветена на мирното решение на сирискиот конфликт, кога повика на „мир и помирување“ и на запирање на војната којашто, според него,„секогаш претставува пораз на човечноста“, што доби поддршка ширум светот.

Папата предложи да се одржи светски ден на молитва и пост за мирно решение на сирискиот конфликт, откако на 1-ви септември американскиот претседател Барак Обама ја објави намерата за воена акција против Сирија, каде што, според американскотo разузнавање, сириската армија на претседателот Башар ал-Асад на 21-ви август употребила хемиско оружје. На повикот на папата одговорија не само обичните парохиски цркви, туку и лидери на повеќе католички земји.

Однапред од Ватикан нагласија дека богослужбата има верски карактер, а не политички. Сепак, на почетокот од службата во бројната маса можеле да се забележат сириски знамиња и транспаренти со антивоени пароли, пренесуваат агенциите.

„Војната секогаш е пораз на човечноста“, истакна папата Франциско пред мноштвото собрано на Плоштадот на свети Петар, повикувајќи да се „појде по друг пат“ а не по патот на војната.

„Насилството и војната говорат на јазикот на смртта! Се прашувам: Дали е можно да се тргне по друг пат? Можеме ли повторно да научиме да одиме по патиштата на мирот“, запраша папата Франциско во текот на службата, којашто траеше пет часа.

„Би сакал вечерва од сите делови на светот да извикнеме - да, сите го можат тоа! Или уште подобро, би сакал секој од вас, од најмалиот па до најголемиот, па се’ до оние кои се повикани да владеат со народите, да одговорат - да, ние тоа го сакаме“, рече папата во својот апел упатен до светските лидери.