Горчлива лекција во Македонија
1 октомври 2018Иако резултатот не е обврзувачки, јасниот неуспех на референдумот во Македонија е горчлив за сите: за владата во Скопје, за владата во Атина, за поддржувачите во ЕУ, НАТО и во регионот.
Сѐ уште не е сѐ загубено, но резултатот на референдумот е одраз на расположение на населението околу кое треба да се размисли. Дури и ако над 90 проценти од оние кои излегле на гласање, гласале со „да“ - како што некои сега се обидуваат да ги разубават работите - големото мнозинство молчеше или дури и активно го бојкотираше референдумот.
Предупредување до сите
Тоа значи дека ја нема посакуваната широка поддршка на процесот, кој јасно поврза три прашања за иднината: договорот за името со Грција, интеграцијата на балканската држава во ЕУ и интеграцијата во НАТО. Со тоа, неуспехот на референдумот е и предупредувачки сигнал не само за развојот на земјата, туку и за идната геополитчка ориентација на балканската држава.
И покрај големата поддршка од страна на високи политичари, како канцеларката Ангела Меркел, ротирачкиот претседавач соЕУ, Себастијан Курц, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на премиерот Зоран Заев и неговата влада во изминатите недели не им успеа да го мобилизираат населението доволно и да го уверат во предностите на договорот. Преемоционален и преригорозен е отпорот на противниците, кои делумно ја казнуваат владата, а делумно едноставно не сакаат да прифатат промена на името Македонија во Северна Македонија.
Загубени децении
Масовниот бојкот на референдумот покажува дабока поделеност на македонското општество и голема несигурност по прашањата на националиот и европскиот идентитет. Калкулацијата - националните чувства да се потстивнат во замена за европска перпсектива, не го донесе посакуваниот резултат. Напротив, крајно емоционалниот судир околу прашањето на името се стилизира во прашање на македонската нација и идентитет.
Сега се одмаздуваат загубените децении во текот на кои во земјата и интернационално беше преземено премалку за надминување на спорот меѓу Македонија и Грција за името и наследството на античкото големо царство. Во тој дел ЕУ и НАТО предолго правеа премалку. Пркосот, стравот и раните во Скопје се длабоки. Поранешната еуфорија за ЕУ и НАТО во меѓувреме е измешана со сомнежи. Иако руско влијание во референдумот - од што се стравуваше - не е докажано, сепак се шири антизападен наратив. Борбата за размислувањата на луѓето во Македонија се води со полна пареа.
Опозицијата како заложник
Опозициската ВМРО ДПМНЕ триумфира по неуспехот на референдумот. Таа тврди дека владата на Заев исто така не успеала како и договорот од Преспа. Наспроти сите тврдења дека стреми кон интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, опозицијата по прашањето на името е непопустлива и по успешниот бојкот - зајакната. Со своите внатрешнополитички борби за власт, ја зема целата земја како заложник.
Македонскиот премиер сега за наредната, одлучувачка рунда, става сѐ на една карта: за да биде важечки, договорот за името со Грција мора да биде изгласан во парламентот со двотретинско мнозинство, па Заев уште вчеравечер ги повика пратениците на опозицијата да дадат своја поддршка. Во спротивно, тој се закани дека ќе закаже нови избори во декември. Иднината на земјата е повеќе од неизвесна.
Дотолку повеќе сега речиси невозможното мора некако да успее во парламентот. Во спротивно договорот со Грција пропаѓа. Во спротивно, членството во НАТО и приклучувањето во ЕУ ќе станат многу далечни. Последиците за Македонија би биле фатални.