1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Графолошкото вештачење го откри заканувачот

ДТЗ
2 февруари 2022

Полицијата соопшти дека 56-годишниот Стевче Зика испраќал заканувачки писма до обвинителите Љубомир Јовески и Вилма Русковска.

https://p.dw.com/p/46P6Y
Nord-Mazedonien Skopje | Staatsanwaltschaft zu Festnahme Kativa Janeva, Sonderstaatsanwaltschaft
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Полицијата го приведе 56-годишниот Стевче Зика од Битола, кој е осомничен дека ги испраќал заканувачките писма до јавниот обвинител Љупчо Јовески и до шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против Стевче Зика (56) од Битола, за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.

На 20 и 22 декември 2021 година тој преку поштата во Прилеп испратил писма со сериозни закани по животот на обвинителката Русковска, а на 17 јануари 2022 година преку битолската пошта испратил писмо со сериозни закани и по животот на Љубомир Јовески, јавен обвинител на Република Северна Македонија. Како испраќач на сите писма тој навел лица со невистинити податоци. 

Полицијата на 21 јануари извршила претреси на две локации на подрачјето на Битола и тоа во домот на Зика и во домот на неговата мајка, при што се пронајдени и одземени мобилен телефон, лаптоп компјутер и предмети поврзани со кривичното дело. „Заканувачот е уапсен, а по разговорот со него и по извршеното графолошко вештачење од страна на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, утврдено е совпаѓање на обезбедениот рачен ракопис од него и рачниот ракопис во напишаните заканувачки писма. Тој е приведен и со кривичната пријава ќе биде предаден на надлежното Обвинителство“, информираат од МВР. 

Јавниот обвинител Љубомир Јовескиалармираше дека на 26.01.2022 година добил закани по животот преку препорачано писмо. Јавното обвинителство информираше дека писмото, испратено од Пошта Битола на 17 јануари, е напишано на македонски и англиски јазик, и во него се вели дека Јовески ќе биде убиен ако не ослободи од обвинение двајца новинари. 

И шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за ДВ изјави дека во декември добила две писма со закани по живот. Случајот го пријавила веднаш во Министерството за внатрешни работи, по што добила дополнително обезбедување, согласно законот.  

„Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а 'криминалците Зоран и Вице Заеви' биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам, ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла“, изјави Русковска за Дојче веле.