1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грета пред светските лидери: Ми го украдовте детството!

БГ/ ДВ
23 септември 2019

Во Њујорк е отворен Климатскиот самит на ОН со присуство на 60 светски лидери. Активистката Грета Тунберг им испрати остра порака на државниците дека е време за дела, а не за зборови.

https://p.dw.com/p/3Q7J4
New York  United Nations Climate Action Summit  Greta Thunberg
Фотографија: Reuters/C. Allegri

Тинејџерската активистка Грета Тунберг жестоко ги искритикува светските лидери на отворањето на самитот на ОН поради нивната индолентност кон егзистенцијалната криза со климатските промени.
„Од нас младите луѓе барате надеж. Како се осмелувате?“ порача разлутената Тунберг пред публиката составена од водечките светски лидери на Самитот за климатска акција на ОН во Њујорк.
„Ми ги украдовте соништата и детството со вашите празни зборови, но јас сум сепак една од среќните. Луѓето страдаат, луѓе умираат, цели екосистеми колабираат“, се развика младата Швеѓанка која мобилизираше илјадници млади ширум светот во борба против климатските промени.
„Се наоѓаме пред масовно исчезнување, а вие зборувате само за пари и кажувате бајки за вечен економски раст“, рече 16-годишната активистка, едвај задржувајќи ги солзите во очите. „Доколку одберете да не разочарате, никогаш нема да ви простиме“.
Повеќе од 60 светски лидери се очекуваат на самитот кој го свика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш со цел да се бараат решенија за климатската криза. 
Меркел: Сиромашните ја трпат штетата
Германската канцеларка Ангела Меркел, чија влада минатата недела усогласи пакет мерки за борба со климатските промени, на настанот порача дека меѓународната заедница треба да ги слуша научниците и младите.
„Сите ги слушнавме повиците за будење од младите“, рече таа, алудирајќи на климатските протести. „Германија има 1% од светското население и 2% од емисиите на штетни гасови“. Меркел го опиша новиот климатски пакет на нејзината влада како почеток на „коренита транзиција“ која ќе ја направи Германија климатски неутрална до 2050 година.
Германската канцеларка оцени дека климатските промени се глобален проблем и дека индустриските нации се примарен извор на стакленички гасови, додека државите во развој ги трпат штетите од кризата.