1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевизмот влезе во ЕУ

Светлана Јовановска
16 ноември 2018

Груевски избега и неговата политичката приказна е завршена за сите времиња и во сите земји. Но, груевизацијата сѐ уште живее во Македонија. И почнува да ја контаминира и Европската унија.

https://p.dw.com/p/38MY1
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Никола Груевски нѐ намести сите. Јавноста, владата, полицијата, судовите.... и Европската унија. Вешто, во неговиот познат итарпејовски стил, нѐ остави сите со прстот в уста и замина во Унгарија за да го користи гостопримството на неговиот стар, добар и илиберален пријател Виктор Орбан.

Без официјална патна исправа, одземена како мерка за претпазливост уште минатата година, Груевски без никаков проблем мина повеќе балкански граници. Со лична карта? Или со нечија заштита? Со фалсификуван документ? Прецизни одговори сѐ уште нема.

Како и да е, тој ја мина и границата на ЕУ, границата на Шенген зоната за која сите рака в оган ставаме дека е безбедна и непропусна. И, според последните вести што стасаа од Албанија, Груевски избегал со помош на една земја членка на ЕУ, со возило на унгарската амбасада во Тирана. Истата таа земја која тврди дека строго ги контролира своите граници. Но, само за муслимански бегалци. Христијанските бегалци осудени за криминал не ѝ пречат!

Штурите соопштенија на Брисел се навреда на нашата интелигенција

Во овој текст нема да зборувам за сите, без сомнение бројни пропусти и помагачи во земјата што Груевски ги искористил за да стане бегалец и можеби наскоро политички азилант. Тие мораат да бидат идентификувани. Еве, да помогнеме со потсетување на еден пример. Државната Комисија за заштита од дискриминација, чиј претседател е кадарот на Никола Груевски, Александар Даштевски, издаде решение во кое се вели дека судот го дискриминирал Груевски. Решение што може да му помогне на Груевски да добие политички азил во  странство.

Правната држава е основиот услов за да можеме да одиме кон ЕУ. Без правна држава, преговори за ЕУ нема да добиеме. Џабе ни е Преспанскиот договор ако зад него се крие механизам кој наликува на швајцарско сирење, преполн со дупки во кои можат да се протнат кршителите на законот и осудените криминалци.

Но, истата Европска унија, која чека да реформи од нас, треба исто така да одговори на прашањето како е можно нејзина земја членка да му помогне на осуден криминалец да ја напушти земјата во која треба да оди во затвор, да прими поранешен премиер, осуден за злоупотреба на службена должност, земја членка која пропагира илиберален политички систем, земја членка во која медиумите и судството се ставени под капата на Фидес, партијата на власт за која сериозно се размислува да биде избркана од редовите на европските демохристијански партии?

И по речиси една недела од бегството на Груевски во Унгарија, Брисел излегува со штури соопштенија кои се, на извесен начин, навреда за нашата колективна интелигенција. Со такви соопштенија, би било подобро да молчи. Така одговорот на прашањето што правиме сега со Груевски и Унгарија, одговорот од Брисел беше кус: земјите членки, исто како и земјите кандидати, мораат да го почитуваат владеењето на правото, а случајот на Груевски не смее да се политизира.

Други колумни од авторката:

Дали навистина сакаме во ЕУ?

Временската машина на Мицкоски

Траги-комичниот македонски мазохизам

Ќе му каже ли ЕК нешто на Орбан?

Се согласувам со ЕУ дека случајот на Груевски е случај на висок функционер што длабоко зацапал во криминал и не треба да се политизира. Па така, можеби би било добро Европската комисија да се замеша и да му каже на Орбан дека не смее, на територија на земја членка на ЕУ, да крие криминалец, а уште помалку да му помогне да избега.

ЕУ секако не е виновна што Груевски фати магла во ЕУ, но истата таа ЕУ треба да се сети дека Македонија религиозно ги почитуваше европските барања да не се употребува притвор ако не е навистина неопходно и ги набљудуваше сите промени во администрација од страв дека ќе дојде до политички „чистки“ на луѓе од претходната власт.

Се сеќавам на првиот брифинг со еден висок европски функционер на одвај два месеца од доаѓањето на СДСМ на власт. Неговиот единствен совет до „новите” на Илинденска беше строго да внимаваат да не биде избркан ниту еден административец или директор поставен од ВМРО-ДПМНЕ.

Со текот на времето - и да го парафразирам Велија Рамковски - видовме дека се претера со почитувањето на европските препораки. Правилата на правната држава мора да се почитуваат. Но, истовремено треба умно да се користат сите предности на овие препораки без да се претворат во пречка токму за создавање на посакуваната правна држава.

Ако ЕУ ги применува истите правила на правна држава што од нас ги бара, тогаш со право очекуваме да излезе со јасен став и да му каже на Орбан дека неговото однесување е кршење на сите принципи и вредности со кои ЕУ се гордее.

Громогласниот европски молк

Но, како што веќе и врапците на гранките знаат, ЕУ е, во последните години, во перманента криза. Освен тоа, се ближат избори за новиот Европски парламент, па така од неа не може да се очекува да го заостри тонот кон Орбан. Орбан, кому и онака не му е гајле што ЕУ мисли за него и кој со години ја тера својата илиберална агенда покажувајќи ѝ среден прст на истата таа ЕУ која го „храни“ со фондови за развој.

Европскиот молк е громогласен. Ни збор не чувме ниту од Европската комисија, ниту од земјите члеки, ниту пак европските парламентарци. Особено демохристијаните на кои им припаѓа Фидес, партијата на Орбан.

Единствени кои се јавија беа Зелените.

Европската комисија, како што вели унгарскиот пратеник Бенедек Јавор, треба да го отвори прашањето затоа што ги загрозува темелните европски безбедносни интереси. За него ова е „сериозен и страшен политички проблем со важни легални аспекти и тие две работи се доволни за Комисија да преземе чекори за да го разјасни прашањето и да притисне за тоа дека единствено прифатливо решение е да се врати Груевски во Македонија”, изјави тој ја МИА.

Неговите сопартијци беа уште поостри. Зелените го истакнуваат цинизмот на Унгарија и „обидите да се креираат тензии на Балканот”, сето тоа во корист на Русија, која го критикува секој чекор на Македонија кон ЕУ и НАТО.

На крајот, ЕУ мора да ги примени принципите и стандардите што ги очекува од Македонија. Таа и онака, во текот на изминатите години, има загубено од својот кредибилитет во процесот на проширување. Груевски ѝ нуди можност да врати барем дел од него.

Се сеќавате на Пуџдемон?

Да се потсетиме на еден неодамнешен случај во ЕУ, со бегството на каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон. Обвинет за побуна против власта во Шпанија, откако прогласи независност на шпанската Каталонија, претседателот на овој регион седна во автомобил и дојде до Брисел за да избега од шпанските власти. Не му требаше пасош. Европа нема граници. Шпанија веднаш побара екстрадиција, но Белгија го одби барањето поради тоа што во белгиските закони не постои дело „побуна против власта”. Јавноста залудно очекуваше реакција на Брисел за ова бегство. И не ја дочека. За ЕУ, ова беше мешање во внатрешните работи на Шпанија, па молкот трае и денес. Пуџдемон и денес е во Белгија.

Така, денес ЕУ молчи за Груевски. За да не се меша во внатрешните работи на Унгарија. Нашиот пастир сега може мирно да го планира својот иден живот на политички бегалец во Унгарија, Русија, Турција….

Груевски има избор. А Македонија нема. Мора да го разјасни и открие, до последен детал, бегството на Груевски. Во спротивно, нејзината правна држава ќе остане само убава европска желба на хартија.

Груевски избега и неговата политичката приказна е завршена за сите времиња и во сите земји. Но, груевизацијата сѐ уште живее во Македонија. И почнува да ја контаминира и Европската унија.