Груевски: Амнестијата на хашките случаи ја донесе Парламентот, јас морам да ја почитувам
25 ноември 2011Македонскиот премиер, Никола Груевски жали за случувањата во 2001-ва година, но морал да ја прифати одлуката за амнестија на хашките случаи. Одговарајќи на прашање поставено од Јани Макрадули од СДСМ, Груевски ја префрли топката на Парламентот кога станува збор за одлуката за амнестијата на обвинетите во хашките случаи.
„Искрено жалам за случувањата во 2001 година и сочуствувам со семејствата на загинатите и киднапираните од тој конфликт и како човек тешко го примам сето тоа, но како премиер морам да се согласам со одлуката на Парламенотот, која беше поради цели што Парламентот ги образложи. Истиот одговор го дадов на денот на формирањето на Владата, истиот го повторив неодамна во јавноста“, одговори Груевски.
Јани Макрадули возврати дека Владата се затскрива зад Парламентот, бидејќи токму таа дала мислење на барањето за автентично толкување на законот за амнестија и врз база на тоа мислење пратениците гласале. Тој обвини дека премиерот ги излажал роднините на жртвите во хашките случаи дека нема да направи политички договор со убијците и киднаперите на македонските граѓани.
„Вие сте претседател на Владата што го даде тоа мислење. Вие сте автор, како дел од политичкиот пазар“, рече Макрадули.
Груевски тврди дека опозицијата вади стари теми
Премиерот Груевски ја нападна опозицијата дека вади стари теми, откако се намачила да најде нови прашања. Според него, тоа значи дека Владата во овие 100 дена работела совесно, коректно и не правела многу грешки.
„Гледаме дека имале сериозен проблем да најдат сериозна тема. Ги вадат темите од пред шест месеци или две години, што доволно укажува дека опозицијата има недостаток на теми“, рече Груевски.
Опозицијата, освен за амнестијата на хашките случаи, прашуваше и за вкупната сума на потрошени пари за прославата на денот на независноста, 8-ми септември, за законот за стечајните работници, за прекинот на пописот, за тоа што ќе направи владата до НАТО самитот во мај, за земјата да стане членка на Алијансата, а премиерот Груевски беше прашан и дали ќе преземе политичка одговорност за убиството на Мартин Нешковски. На тоа прашање, наместо Груевски, одговори министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, забележувајќи дека СДСМ во континуитет се обидува да ја манипулира јавноста со тој случај.
„Правдината полека излегува на површина. Нема да ја коментирам судската постапка, бидејки процесот е во тек, но МВР во рок од 24 часа од настанот, осомничениот го предаде на истражен судија, ги обезбедивме сите докази до кои можевме да дојдеме и, ете, процесот е во тек. Игор Спасов не е ангажиран како обезбедување на премиерот, а снимките од камерите се веднаш побарани. Камерите во центарот, кои се сопственост на МВР, не се во функција, бидејќи проектот ’Безбеден град’ се уште не функционира. Значи судот ја утврдува одговорноста, а не премиерот“, рече Јанкулоска.
Решавањето на името останува приоритет
„Наш приоритет и во иднина останува да се најде решение за спорот, кој Грција го отвори пред 20 години. Владата е силно заинтересирана да се дојде до решение“, рече премиерот Никола Груевски, одговарајќи на прашањето на пратеникот Гордан Георгиев од СДСМ, кој се интересираше дали до самитот на НАТО во мај ќе има прогрес, за земјата да влезе во Алијансата барем под привремената референца.
На седницата беше одговорено и дека за прославата на 8-ми септември се потрошиле 90 илјади евра. Според Јани Макрадули, прославата на „8-ми септември ќе остане запаметена по најнетранспаретно трошење на буџетски средства и како прослава на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Одговор добивме од дванаесет институции, само пет од нив кажуваат дека трошокот е над 120 илјади евра. Сите се исти 20.000 евра плус ДДВ“, рече Макрадули.
Прашање за новите задолжувања
На седницата беше прашано и за новите задолжувања од 130 милиони евра. Груевски одговори дека парите ќе се трошат за покривање на буџетскиот дефицит.
„Кога добивате камата во висина од 4,25 отсто од Дојче Банк и Сити банк, кога имате гаранција од Светска банка, тоа значи дека имате доверба од овие институции и здрави макроекономски политики“, рече Груевски, кој посочи дека „со државен долг од 26,3 отсто од БДП, Република Македонија спаѓа во редот на ниско задолжени држави и е една од најниско задолжените во Европа“, како и дека „е надвор од зоната на опасност во врска со евентуална појава на должничка криза“.
Во однос на законот за стечајците, власта одговори дека уште пред три години законски е решен проблемот на стечајците со над 25 години стаж во државните фирми.
Опозицијата бараше одговор и зошто до сега никој не одговара за подготвување фалсификат на пописот. Конкретен одговор немаше. Премиерот повтори дека не можело да се дозволи спроведување на пописот со одредени аномалии
Автор: Александар Методијев/ МИА/ макфакс
Редактор: Ж.Ацеска