1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски ги обвинува Заев и СДСМ за манипулации со „бомбите“

БГ
12 јули 2019

Експремиерот Никола Груевски повторно се огласи преку Фејсбук од каде ги критикува премиерот Заев и неговата партија дека манипулирале со снимките од „бомбите“ за Мартин Нешковски, Никола Младенов и Смилковското езеро.

https://p.dw.com/p/3LyW2
Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Во Фејсбук пост објавен доцна синоќа, експремиерот кој избега во Унгарија, повторно обвинува дека било манипулирано со снимките од „бомбите“ кои, тогаш, опозицискиот СДСМ ги објавуваше во 2015 година. Груевски особено се фокусира на снимката од неговиот разговор со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во врска со убиството на Мартин Нешковски.

„Монтираниот аудио материјал за убиството на Мартин Нешковски имаше цел да биде најемотивната 'бомба' чија 'експлозија' требаше да ги извади луѓето на улица, во шатори пред владата и да предизвика насилни протести со многу повредени полицајци, со цел кулминација на политичката криза која ја создаде“, порачува Груевски преку својот пост на Фејсбук во кој алудира на актуелниот премиер Заев.

„Во таа криза ја гледаше својата шанса за доаѓање на власт, бидејќи поинаку беше инфериорен и беше и остана неконкурентен политичар надвор од локалното ниво, по речиси сите критериуми.“

Груевски во продолжение постира линк од текст на порталот „Инфомакс“ во кој исто така се тврди дека Заев и СДСМ манипулирале со снимките од тогашните државни функционери, повикувајќи се на нова, целосна, снимка која ја објавил извесниот „Ел Чека“.

Mazedonien Proteste in Skopje
Протестите на 5 мај 2015 година по објавувањето на снимка од разговор поврзан со смртта на Мартин НешковскиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Но, снимката на „Ел Чека“ во меѓувреме е избришана и разговорот во својата целовитост, како што тврди Груевски, е недостапен за пошироката јавност.

„Ел Чека“ веќе подолго време објавува прислушкувани разговори кои веројатно му припаѓаат на истиот сет материјали со кои располагаше и СДСМ пред да му бидат предадени на Специјалното јавно обвинителство. Досега објавените материјали се фокусираа повеќе на политичари и претставници на ДУИ, кои јавноста во изминатиот период немала можност да ги слушне. Изворот на „Ел Чека“ и неговата мотивација за објавување на овие снимки засега остануваат нејасни.

Груевски понатаму го обвинува Заев за „фашистичка монструозност“ префрлајќи му дека го „измамил народот со купишта вакви фабрикувани материјали и измами.“

„Прво монтирани снимки кои создаваат “експлозија од емоции” кај народот, а потоа по доаѓањето на власт нова измама преку притисок и наредба на судиите да ги прифатат овие монтирани снимки како клучни докази и шокантно и без објаснување како никаде во светот, да не прифатат нивно судско вештачење на нивната целовитост и автентичност“, пишува експремиерот.