Груевски е нервозен
20 декември 2016Жалбите пред Државната изборна комисија и можното загрозување на тесната победа на изборите, раѓа страв кај досега владејачката ВМРО-ДПМНЕ од губење на власта, пишува австрискиот дневен весник „Стандард“. Повод за таквата оценка е, како што пишува весникот, нервозниот говор на Груевски во саботата.
Иако не цитира извори, весникот тврди дека лидерот на ДПА Мендух Тачи веќе се предомислил иако во изборната ноќ најави дека своите двајца пратеници ќе ѝ ги даде на Беса.
„ДПА најави дека ќе ја поддржи албанската реформска партија Беса, која сака да коалицира со Социјалдемократите, но партискиот шеф Тачи во меѓувреме се предомисли. Тачи важи за корумпиран. Во еден прислушкуван телефонски разговор може да се слушне како му ветува на поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков дека 'му е верен до смрт'“.
„Мијалков, кој поднесе оставка минатата година, не е само братучед на лидерот на ВМРО Никола Груевски, туку е и мозокот (мастермајнд) на досегашниот режим. Човек кој притоа поседува и хрватски ЕУ пасош, е исто на удар на Специјалното обвинителство.“
„(...) Владејачката партија не го контролира само правосудството, туку и полицијата и медиумите. Развојот на балканската држава зависи од тоа дали досегашната елита ќе остане на власт или со помош на Специјалното обвинителство, владеењето на правото и демократизацијата ќе добијат шанса.
Поранешниот премиер Никола Груевски е очигледно нервозен. Во саботата одржа говор во кој индиректно ги нападна ЕУ и САД и забрани било какво мешање од странски амбасади. Во нападно агресивен тон, тој најави дека неговата партија ќе се бори против влијанието на невладините организации кои се финансирани од Џорџ Сорос. Европската Комисија соопшти дека е загрижена поради 'растечката негативна реторика'“.
„Груевски, притоа, се соочува со критики и од сопствената партија. Не е исклучено дека опозицијата ќе успее да обезбеди мнозинство. Албанскиот премиер Еди Рама деновиве се обиде да изгради коалиција меѓу партиите на Албанците и СДСМ.
Реформската партија на Албанците, Беса која постигна солиден успех на изборите веројатно повеќе би сакала да остане во опозиција. Напролет се закажани локални избори, на кои како опозициска партија ќе има поголеми шанси. А и многумина сметаат дека новата влада нема долго да издржи“, пишува Стандард.
Австриската новинска агенција АПА ја пренесува веста за објавените некролози на странските амбасадори во Македонија и јавува за заканите на Груевски.
„Шефот на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен премиер Никола Груевски, претходно ги обвини западните дипломати за мешање во внатрешни работи на земјата. Тој рече и дека неговата партија ќе бојкотира евентуално прегласување на изборите на едно избирачко место“, пишува АПА.