Груевски и патриотската бура во чаша вода
15 март 2018Коментар на Катерина Блажевска
Што е потребно за да девалвирате еден закон кој води кон проширена употреба на нечии права, без разлика дали се тоа јазични или некои други? Потребно е да имате две партии со крајно спротивставени позиции: една (ДУИ) која сака законот за јазиците да се донесе сега, веднаш и по секоја цена, друга која сака да го „подобри“ по цена што ќе го блокира со 35.569 амандмани (ВМРО-ДПМНЕ), и трета (СДСМ), која балансира заради ветувањата и мир во коалицијата.
Меѓу непомирливоста на овие позиции, е пропуштена можноста со ладна глава, без меѓуетнички хистерии, а преку словото на Уставот, законите и процедурите, да се дојде до финален продукт со кој ќе се гордее мултиетничка Македонија. Брзањето е лош советник. Жал ми е што нашите сограѓани Албанци, уставната обврска за закружување на корпусот на нивните јазични права ја дочекаа во ваква атмосфера, недостојна за еден чин што требаше да биде врвен дострел на домократијата.
Поради тврдоглавоста на партиите, Албанците добија закон кој ќе биде оспорен пред Уставниот суд, и закон што некои политичари најсебично го искористија за да промовирааат, божем, патриотизам. Срамно и недолично беше однесувањето на пратеникот, поранешен лидер и премиер, Никола Груевски, кој по осум години коалицирање со ДУИ и еднаш прифатен закон за употреба на јазиците (29 јануари 2017 година, 13:30 часот) срамно се обиде вчерашната седница да ја искористи како „вениш“, надевајќи се дека ќе си го обели црниот популистички образ ако „храбро“ истури чаша вода на масата на собранискиот претседател. Со тоа, уште еднаш сам се претстави како „гола вода“ во последниот чин од проѕирната улога во квазипатриотската драмолетка „Бура во чаша вода“.
А само пред една година, со таква чаша вода и локумчиња, нестрпливо цупкаше и ѕиркаше зад завесата од Белата палата, чекајќи ги да дојдат сватовите од ДУИ, за да се официјализира коалицискиот брак. Сега со кражба на гласачка картичка се одмаздува што сватовите ја одминаа неговата врата. Каков „дострел“!
За да не биде осамен Груевски во парадата, помага и Али Ахмети, со порака на Фејсбук: „Овој глас ви припаѓа Вам и на оние кои не се повеќе со нас, а се најзаслужни, мачениците на албанската нација“.
Но, да не заборави: оние кои не се повеќе со него/нив (барем во коалицијата) се и ВМРО-ДПМНЕ. Не се сеќавам дека имаше фрлање чаша вода, кога Никола Груевски во договор со ДУИ прогласи амнестија на четирите хашки случи веднаш по изборите во летото 2011 година, преку „автентично толкување на Законот за амнестија“. Како што слушнавме од „бомбите“, мислењето требало да биде такво, за никој да не го разбере.
„Мој избор е тоа да биде веднаш, а не да чекаме после септември-октомври. Тоа што сме презеле негативно, да го истуркаме сега. Најубаво, летово сега... И да сме на раат после цел мандат. После кога ќе дојде владата да се бира, тоа да е веќе завршена работа“, и беше рекол Груевски на Бонева.
Немаше фрлање чаша вода кога Груевски ја подготвуваше координаторката Бонева дека „за законот за јазик е многу сериозно, да не се истрчуваат, да не кажат нешто што не треба“.
Немаше фрлање чаша вода, кога се договараше каков пи-ар да прави Груевски пред народот: „Да не кажуваме што сме им дале на Албанците, туку да кажеме што не сме им дале“. Или дека Ахмети само пред своите ќе се пофали дека „првпат после Крушевската република Албанци го добиваат ресорот одбрана“.
Така што, Груевски си има место меѓу Мачениците на албанската нација, обележано со големо М, исто колку и буквата М со која беа крваво исцртани грбовите на мавровските равботници, и со големо М според квантумот на спроведени политички Манипулации. Ако сакате, и М како боксер во Мува-категорија, или М како мува во секоја квазипатриотска Макеница... За М како „мерцедесот“ веќе е се кажано.
Кога Заев вети општество еднакво за сите, тоа не го криеше од јавноста. Тоа беше негов автентичен завет, заради кој за време на изборите доби најжестоки критики од сегашната опозиција. Ако тоа беше првиот удар, вториот доаѓа токму од коалицискиот партнер. Со брзањето прв да сркне од пехарот на победата, Ахмети ја компромитираше таа искрена заложба на Заев, ставајќи ја под притисок на законот - сега, веднаш... Спротивното, ќе требаше да остави впечаток дека Заев не бил искрен.
По таквата нетактичност и брзоплетост, не е чудно што во целата таа каша се обидува поени за себе да извлече и „уставобранителот“ Иванов. Тој толку добро го читаше Уставот, што лани најпрво го даде мандатот за формирање влада на партијата што немаше обезбедено мнозинство. Потоа се жалеше дека бил излажан од ВМРО-ДПМНЕ. Сега се жали дека е излажан од СДСМ. Опасно е указот за прогласување закони да зависи од човек што толку пати бил излажан. Уште поопасно е ако му биде дозволено неовластено да ја оценува уставноста на законите. Но, најопасно од сѐ ако се изневерат очекувањата на граѓаните. Нашите сограѓани Албанци заслужија закон кој нема да биде толкуван на илајда начини и туркан на мала, туку донесен на голема, законска врата.
Таа лекција досега не беше научена. Цената на брзањето ќе се плати со ново изгубено време. А времето за Македонија е најскапо во моментов. Многу поскапо од партикуларните интереси на недораснатите лидери. Данокот за тоа ќе мора да го платат самите.