Груевски се повлекува од челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ
1 декември 2017Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави дека ќе преземе одговорност за резултатите на партијата на последните избори и дека наскоро ќе поднесе оставка на функцијата. Оставката, Груевски ја најави во интервју објавено на порталот Курир предмалку. Заминувањето од челната позиција во опозициската партија не е условено од партиската анализа за изборите, вели Груевски.
„Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам пред органите на партијата оставка“, вели Груевски.
Повеќе на темата:
- Од голем реформатор до „мал диктатор“
- Груевски во стечај, ВМРО-ДПМНЕ под принудна управа?
- Идејата на ВМРО е преголема за да потоне со груевизмот!
Тој очекува потоа да биде организиран вонреден партиски конгрес на кој треба да се избере нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности. Покрај ова се надевам дека тоа ќе помогне и во разрешувањето на целокупната полтичка атмосфера“, вели Груевски.
Иако анализата на изборните резултати се очекува за една до две недели, Груевски вели дека неговата оставка би можела да се случи и порано и дека не е поврзана со исходот од анализата.
Во интервјуто, Груевски повторно остро ја критикува истрагата на Јавното обвинителство за насилничкиот упад во Собранието.
„Оваа акција на МВР и обвинителството е класичен политички и партиски реваншизам од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Прво, на настанот му се даде правна неоснована квалификација – тероризам, дело за кое е предвидена казна затвор од 10 години затвор па до доживотен затвор. За 6 пратеници се побара симнување на нивниот имунитет, затоа што обвинителството побара притвор. Брутално, драконски, незаконски, нереално и нечовечки“, вели Груевски.