1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски тврди дека нема да бега

ЕМФ/мф/новатв10 јуни 2016

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски денеска беше на распит во Основниот суд Скопје 1 за да даде исказ на претходна постапка за случајот „ТНТ“.

https://p.dw.com/p/1J4RZ
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски тврди дека нема никаква вина. По едночасовниот распит во Основниот суд Скопје 1, Груевски изјави дека „СЈО прави чекори кои што се нарачани од човекот кој е свесен за својот рејтинг и се обидува преку вакви апсурдни постапки да прикаже дека сме исти или слични како него. Она што го прават од Специјалното јавно обвинителство е нешто од што ќе се срамат во наредниот период“.

Груевски тврди дека нема ниту да бега, ниту има намера да ја напушта државата:

„Бев повикан во судот затоа што Катица Јанева изразила сомнеж дека ќе ја напуштам земјата. Не знам дали некој верува во тоа, но се гледа дека СЈО прави чекори кои се нарачани и најверојатно тоа го посакува нивниот нарачател кој во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови. Веројатно тоа е негова желба, но тоа ниту ќе го сторам ниту е вистина, ниту ќе му ја исполнам неговата желба.. Свесен е за својот политички рејтинг, свесен е дека изборите наближуваат и преку контролата што ја има врз луѓето во СЈО се обидува да ги изрелативизира работите и да се обиде преку вакви апсурдни покани во судот да и мене и моите соработници нѐ прикаже слични како него“, рече екс премиерот по распитот во кривичниот суд за случајот ТНТ, во кој обвинителството побара да му се изречат мерки за претпазливост.

Судот ги повика на распит функционерите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои се осомничени во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Од Основниот суд Скопје 1 денеска соопштија дека судија на претходна постапка во текот на денот ќе постапува по предлозите на СЈО. „Сите предлози се распоредени кај судии на претходна постапка кои во текот на денешниот ден ќе постапуваат по наведените предлози, а лицата ќе бидат повикани веднаш да се јават во судот. Имајќи предвид дека лицата за кои од СЈО е предложена мерка притвор не се обезбедени на друг начин, судот ќе ги примени одредбите од ЗКП, а согласно досегашната практика на постапување по предмети во изминатиот период“, се вели во соопштението.

Од Судот официјално не соопштуваат кога точно ќе дојдат осомничените на распит. Специјалното јавно обвинителство бара мерки за претпазливост за поранешниот премиер и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски за случајот „ТНТ“, односно незаконското уривање на станбено деловниот простор „Космос“, кој според СЈО, бил урнат заради политичка одмазда, а е во сосптвеност на Фијат Цаноски. Мерки за претпазливост се бараат и за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за случајот „Тврдина“, односно за незаконското уништување на опремата за прислушување. За овој случај СЈО предлага притвор за началникот на Петтата управа, Горан Грујовски. Притвор се бара и за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, за случајот „Транспортер“, односно за малверзациите со училишниот превоз.

По поништувањето на одлуката за аболиција на Претседателот Ѓорге Иванов, СЈО прoдолжува со сите истраги што ги отвори, меѓу кои случајот „Пуч“, кој е веќе во Судот, случајот „Титаник“, за изборните нерегуларности, како и со случајот „Тортура“ во кој првоосомничен е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. За него СЈО не предлага никакви мерки, ниту притвор, ниту мерки за претпазливост. Мерки за претпазливост се бараат за командирот на „Алфите“ Ивица Антeвски Пуки, кој е осомничен за нечовечко однесување при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски. Предлогот за мерки за претпазливост за Антевски и другите осомничени во овој случај Судот еднаш го отфрли, бидејќи во тој период беше на сила одлуката за аболиција за него. Ова решение е обжалено со што решението на судијата е укинато и вратено на повторно одлучување.