1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Груевски ја игра улогата на мал Ердоган“

Б. Георгиевски/јв/стандард12 мај 2016

Пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на Левицата и член на парламентарната комисија на Советот на Европа, Андреј Хунко за весникот „Јунге Велт“ ги споделува впечатоците од својата посета на Македонија.

https://p.dw.com/p/1ImIV
Фотографија: MIA

„Се плашам дека состојбата ќе ескалира доколку се одржат избори на 5 јуни. Може да дојде до насилство и постои опасност, владата преку целни провокации да испровоцира етнички судири“, вели во интервјуто за Јунге Велт, германскиот пратеник Андреј Хунко.

Хунко пренесува и свое видување од состанокот кој заедно со колегите од Советот на Европа го имале со експремиерот Никола Груевски за време на посетата на земјата на 26 и 27 април.

„На состанокот тој се однесуваше самоуверено, да не речам автократски. Груевски рече дека избори на 5 јуни ќе има, и во тоа не остави никаква дилема. Тој тврди дека таквата одлука е во согласност со законот. Тоа што владејачките структури не реагираат на ниту едно барање на протестите, носи уште повеќе луѓе на улица.

Протестите, Хунко ги оценува како социјално движење, а во истовреме ги отфрла и критиките за „украинско сценарио“.
„Јас остро ги критикував случувањата во Киев и улогата на Западот во нив. Но според моите проценки, во Македонија имаме далеку поинаква ситуација отколку во Украина.
Споредбите со Мајдан ги сметам за погрешни. Тука нема организирани десничарски, насилни групи. Десниот сектор седи во Владата, најчесто ми беше посочувано. Доколку некој игра на етничката карта и конфликтот меѓу Албанците и словенските Македонци, тогаш тоа е владејачката ВМРО“, вели Хунко.

На прашање на новинарот за улогата на ЕУ во македонската криза од аспект на важноста на земјата во бегалската криза, Хунко вели дека Груевски кон Брисел се однесува како „мал Ердоган, а дома како Орбан“.

„Груевски ја игра улогата на мал Ердоган. Скопје ја затвори ткн. балканска рута за бегалците што беше поздравено од Вишеградската група земји и од Австрија. Внатрешно-политички Груевски се ориентира кон десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан: формално владее демократија, а во истовреме државата се раководи авторитарно.

(...) ЕУ е неодлучна како да се однесува. Реакциите од Брисел се амбивалентни: од една страна се критикуваат амнестијата и потезите на ВМРО. Од друга страна, Европската народна партија ја поддржува владата, исто како и Орбан во Унгарија“, вели германскиот пратеник Андреј Хунк во интервју за „Јунге Велт“.

Беса за Албанците

Австрискиот Стандард објавува анализа за партијата на Албанците, Беса и разговор со нејзиниот лидер Билал Касами.

„Партискиот шеф Касами ја дефинира неговата партија како конзервативна и пазарно ориентирана. Не сака да каже кој го поддржува, затоа што бизнисмените стравуваат дека ќе имаат штета од тоа“. Касами критикува дека во Македонија не постои правна држава, а партиите се претворени во шалтери за работни места и заштитници на бизнисот.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Протести на Беса во Скопје, 9 мај 2016Фотографија: picture-alliance/AA/I. Nikolovski

„Ќе мора да ставиме крај на праксата во Македонија за 1.000 денари да гласаме на избори. За владејачките партии има две опции: или ќе се вратат на власт, или ќе одат во затвор. Доколку има правна држава ќе одат во затвор“, вели Касами.

Лидерот на Беса, пишува натаму Стандард, игра на националната карта. Тој сака да го искористи спорот за името со Грција за во истовреме да иницира промена на Уставот.

„Државата мора одново да се дефинира. Во моментов Македонија е држава за Македонците и за другите кои тука живеат. Јас сакам, Албанците да бидат внесени како конститутивен народ во Уставот“.
Касами, сепак, не го прифаќа концептот на етно-национализмот туку се залага за концепт на „етно-секуларизам“, пишува натаму Стандард.

„Ние немаме друга држава. Македонија е наша татковина, и сакаме тука да се интегрираме“. Притоа, Касами гарантира дека нема намера да ја залоупотребува религијата во политички цели.

На крајот на разговорот, Касами ги отфрла шпекулациите дека неговата партија Беса е финансирана од партијата АКП на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Добиваме поддршка само од Албанците од Германија, Австрија и Швајцарија. Дијаспората не е под таков притисок како бизнисмените тука“, вели Касами.