Грците тонат во сиромаштија
Стапката на сиромаштија во Грција е двојно зголемена и покрај милијардите евра помош. Повеќето Грци сѐ потешко ги покриваат трошоците, а голем дел од нив зависат од народните кујни за храна.
Економски тешкотии
Сѐ поголем број на Грци едвај врзуваат крај со крај. И покрај тоа што во земјата седум години се слева финансиска помош вредна неколку милијарди евра, сиромаштијата е сѐ уште присутна. Ситуацијата со сиромаштијата во Грција е најсериозна во Европа и истата постојано се влошува.
Три „спасувања“ за Грција
На фотографијата (Атина) се прикажани граѓани кои чекаат во ред за социјална помош. Финансиската криза принуди четири земји од Еврозоната да се обратат кај меѓународните кредитори. Ирска, Португалија и Кипар поминаа низ програми за спасување и нивните економии сега повторно бележат раст. Но на Грција, која прва доби финансиска помош во 2010 година, до сега ѝ беа потребни уште три пакети за помош.
Живот во тешки времиња
Ева Агисалаки, 61, е поранешна учителка која волонтира во народна кујна на православната црква. Таа не се квалификува за пензија затоа што нејзиниот договор за работа истекол кога возраста за пензионирање била подигната на 67 години - мерка дел од програмата за спасување на Грција. Пензијата на нејзиниот сопруг била намалена од 980 на 600 евра - резултат на барањата на меѓународните кредитори.
Повеќето Грци „само преживуваат“
Ева добива храна од народната кујна која ја дели со нејзината невработена ќерка и нејзиниот син. „Ние вегетираме“, вели таа додека ја поставува масата за следниот оброк: грав, леб, јајце, парче пица и јаболко. „Ние само егзистираме. Повеќето Грци само преживуваат“.
Нема простување на долговите
Повозрасен маж продава костени пред зградата на парламентот во Атина за време на демонстрации за намалување на даноците. Меѓународните кредитори бараат зголемување на даноците и намалување на пензиите, но владата вели дека земјата има применето доволно мерки за штедење.
Под границата на сиромаштија
Повозрасна жена гледа во донирана облека во народна кујна. Грција не е најсиромашната членка на ЕУ - стапките на сиромаштија се повисоки во Бугарија и Романија. Грција е на трето место. Податоците на Евростат покажуваат дека 22,2% од населението се соочува со сериозен недостиг од материјални средства.
Надеж за подобро утре...
Маж трпеливо чека да ја испере облеката во Итака - мобилен волонтерски сервис за перење на облека. „Ги гледаме истите лица, но често има и нови“ вели Фанис Цонас, коосновач на иницијативата.