1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција - економско градилиште

Клаудија Ласчак/З. Јордановски23 јануари 2015

Напуштање на еврозоната, отпишување на долговите, крај на европската политика на штедење - ако на изборите победи левичарската партија Сириза, се чини дека во Грција се’ е можно.

https://p.dw.com/p/1EP9s
Фотографија: DW/C. Laszczak

Сиромаштијата во Атина се забележува дури на втор поглед: сопственик на таверна кој очајнички се обидува да ме привлече во неговиот локал, продавачка на накит, која сака да ме придружува до банкоматот кога и’ велам дека немам доволно пари кај себе, или млади луѓе кои во шест часот изутрина се движат кон центарот на Атина, додека е уште темно и никој не може да ги види, носејќи со себе се’ што имаат. Во меѓувреме на улица живеат десетици илјади луѓе, честопaти и цели семејства. Тие морале да го напуштат сопствениот дом оти веќе не можеле да го отплатуваат кредитот со кој го купиле.

Сојузот на левицата Сириза сака радикално да ја преобрази земјата

Подршката во населението за Сириза, која води во актуелните анкети пред изборите, е голема, оти на многу Грци им е преку глава од долгогодишното штедење. Теодорос Параскевопулос, еден од основачите на Сириза и економски советник на шефот на партијата Алексис Ципрас, ја разбира лутината на сонародниците: „На луѓето им се одземени примањата - без изгледи за подобри времиња. Секое економско учење ќе ви каже дека не може со строга програма за штедење една земја да се извлече од криза“! Тој е уверен во победата, а негова декларирана цел е радикална реконструкција на Грција:

„Потребно ни е да земеме здив, долговите и онака не можат да бидат вратени, оти се превисоки“. Тие во меѓувреме достигнаа преку 180 проценти од годишниот бруто домашен производ. Параскевопулос бара „брза програма за заживување на стопанството“. Минималната плата треба да биде зголемена од 560 на најмалку 700 евра, на ситните претприемачи да им се одложи враќањето на кредитите и банките да бидат подржавени.

Theodorus Paraskevopoulos
Теодорос Параскевопулос, еден од основачите на СиризаФотографија: DW/C. Laszczak

Многумина претприемачи упатуваат критики

Но, колку се реални ветувањата? Програмата за стопански пораст на Сириза треба првенствено да биде финансирана со повисоки даноци. Многумина претприемачи се критички настроени кон ваквите планови. Сопственикот на печатница Константинос Дипларис во 1998 година ја презеде фирмата основана од татко му пред речиси 50 години. Кратко пред избивањето на кризата тој инвестирал во ново производство, но потоа побарувачката доживеала слом. Печатницата изработува пакувања за производители на бели печива, за имбиси и ресторани.

Порано муштериите нарачувале поскап и персонализиран дизајн, сега ги нарачуваат само најевтините производи. Тој уште не мора да отпушти ниеден од 50-те работници, но повисок данок е работа што најмалку му треба во овој момент. „Ние пред се’ сакаме стабилност. По шест години рецесија, претпријатието дојде до своите граници. Даноците постојано беа покачувани. Но нам ни треба ликвидитет.“

Во земјата одвај да се произведува по нешто

Она што итно мора да се прошири, е производството дома. Само така може да се предизвика вистински пораст. Примерот на Петрос Петропулос е типичен за развојот на многу грчки претпријатија. Семејната фирма во Атина постои повеќе од 100 години. Седиштето на фирмата е понастрана од градот - огромна површина од преку 16 илјади квадратни метри. Но, во халите одамна веќе не се произведува ништо. Наместо тоа, насекаде наоколу странски марки, како шведските камиони Сканија или автомобили од јапонската фирма Исузу.

Petros Petropoulos
Фирмата на Петрос Петропулос постои над 100 годиниФотографија: DW/C. Laszczak

Порано таму биле финиширани мотори, трактори и генератори за струја, но производството полека-полека исчезна. Грците не можеа да ја издржат конкуренцијата од странство. Денес сите машини се увезуваат од Европа или Азија. Петропулос презема само мали прилагодувања и нуди сервис за поправки. На грчкото стопанство му фали база за сопствено производство. Токму тоа е најголем проблем, смета Петропулос: „Мора да го промениме тоа што не сме конкурентни. Нашата конкурентска способност е многу ниска и натамошно опаѓа“.

Потребна е храброст, и покрај кризата

„Тешко е да се биде оптимист, но од друга страна ние сме навикнати постојано да се прилагодуваме на тешки околности“, велат Ериета Тосиду и Мелина Писпа, кои креираат луксузен дизајн за крпи за капење. Нив ги продаваат преку својата онлајн-продавница во цела Европа, па се’ до Јапонија и САД. Младите претприемачки на 35- и 28-годишна возраст сакаат да ги подржат локалните производители и крпите за раце ги шијат во една шнајдерница во Атина. По изборите очекуваат првенствено стабилност, за да го унапредат своето мало претпријатие: „Нашата генерација може нешто да промени, ние сакаме да дејствуваме и веќе не само да гледаме што се случува“.