Грција: Жестоката борба донесе неизвесност
19 мај 2014На една недела пред европските избори, владеачките конзервативци и социјалистите во Грција водат жестока борба на локално ниво. Изборите одржани вчера (18.05) не донесоа јасен однос на силите. Во Атина поентираше левичарскиот сојуз Сириза, но голем број гласови имаат и десните радикали. Во провинцијата е забележлива доминација на партиите на власт.
По пребројани 95 проценти од гласовите, не се потврди прогнозата дека Сириза на Алексис Ципрас јасно ќе победи на локалните избори. Одзивот на избирачите изнесува 61,4%, соопшти грчкото Министерство за внатрешни работи.
Грчкиот премиер Андонис Самарас позитивно го оцени резултатот на неговата Неа Демократија и потсети: „Наредната недела се одржуваат европски избори.“ Тогаш Грците треба со совојот глас да придонесат земјата да „напредува со стабилен чекор“ и да не западне повторно во криза. Ципрас, пак, одговори: „Наредната недела нашиот глас ќе ја промени земјата.“ Европските избори ќе бидат „референдум за програмата за штедење“, нагласи Ципрас. Весникот близок на Сириза, „Контра њус“, напиша: „Народот и Алексис победија, Тројката треба да си ги спакува куферите“.
Во најголемиот дел од големите градови во Грција ќе се одржи втор круг гласање за градоначалници. Локалните избори се сметаат за тест за владата на Самарас. Аналитичарите предвидуваат уште една недела жестока кампања, по која следува трка рамо до рамо на владиниот политички камп и сојузот Сириза.