1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: најтешкото допрва претстои

Јанис Пападимитриу / З. Јордановски25 ноември 2015

Грција ќе добие 12 милијарди евра од третиот пакет за помош. Но зеленото светло за тоа од министрите за финансии на Еврогрупата не значи растоварување за владата, која допрва мора да се зафати со најтешките реформи.

https://p.dw.com/p/1HBsX
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Грција во последен момент ги исполни условите и ќе добие 12 милијарди евра од третот пакет за помош, од кои 10 милијарди се предвидени за рекапитализација на грчките банки. Но, владата во Атина не може да здивне, оти допрва и’ претстојат најтешките реформи, а освен тоа и натаму останува нерасчистено и досега спорното прашање за односот спрема дубиозните кредити и спрема должниците кои не се во состојба да ги отплатуваат кредитите. Незадоволство ќе предизвика и покачувањето на даноците, предвидено за 2016. година, кое треба да донесе во државната каса 5,7 милијарди евра, како и најавениот посебен данок на виното.

Но, најтежок тест за премиерот Алексис Ципрас ќе биде темелната реформа на пензискиот систем која мора да биде извршена до крајот на годинава. Таа со години беше тема, но од политички причини или поради предизборно тактизирање постојано беше одложувана. Потоа, наредните недели владата треба да го обелодени среднорочниот план до 2019. година, со кој веројатно ќе бидат предвидени натамошни даночни отповарувања. А меѓу задачите што претстојат се и реформата на платите во јавните служби, како и одамна ветената либерализација на пазарот на работна сила.

Griechenland Parlament Debatte Tsipras
Алексис Ципрас е соочен со тежок тестФотографија: Reuters/Y. Kourtoglou

Значи, многу задачи што треба да се извршат за кратко време. „Оваа влада мора во итна постапка да ги спроведе сите реформи кои беа ветени од поранешните влади, а не беа извршени. На тоа сега инсистираат кредиторите, кои веќе не веруваат во ветувања. Освен тоа, Грција загуби многу време во редицата избори и бескрајните преговори“, забележува Димитра Када, главен уредник на економскиот портал Capital.gr, во разговор за ДВ.

Спор околу пензиската реформа

Особено спорна е одамна ветената радикална промена на пензискиот систем, со која конечно би се спречило предвремено пензионирање и која можеби ќе значи и повисоки придонеси за социјално осигурување. Во изминатите години веќе се спроведени некои чекори: старосната граница е крената на 67 години, пензиите се намалени за една третина. Но, се’ уште изостанува најзначајното. Само за да се одржи сегашното ниво на значително намалените пензии во наредната година на владата, според една студија, и’ се потребни речиси една милијарда евра - кои таа ги нема.

Аналитичарката Када мисли дека владата се обидува да игра на картата време, за да избегне премногу остри реакции: „Во идеален случај до крајот на годинава би бил усвоен само дел од реформата, за од расцепканото да се создаде единствено пензиско осигурување и да се стават под контрола итните проблеми во финансирањето. Натамошните чекори, посебно евентуалниот зафат и во минималната пензија, владата веројатно ќе ги одложи за во иднина“.

Во секој случај пензиската реформа е предуслов за таканаречената евалуација на грчката програма за прилагодување од страна на кредиторите, која пак од грчки агол на гледање може да го трасира патот кон издржано регулирање на товарот на долгот и можеби дури и кон отпишување на дел од долгот.

Во Атина владеат различни мислења околу тоа како треба да се постапи: „Едни велат дека веќе нема простор за натамошни болни мерки и пензиската реформа мора да се одложи за февруари 2016. Други мислат дека поразумно е сега да се голтне горката пилула, а покрај тоа и да се турка напред не помалку спорната приватизација за стопанството полека да се опоравува. На таа основна дилема премиерот Ципрас уште нема недвосмислен одговор“ вели за ДВ Алексис Папахелас, директор на атинскиот весник „Катимерини“ и аналитичар на телевизијата Скај.

Griechenland Demonstration Gewerkschaft PAME
Синдикатите во меѓувреме протестираат и против левичарската влада на СриизаФотографија: Reuters/R. Zvulun

Почнува да се рони владиното мнозинство

Ципрас се’ повеќе се соочува со отпор во својата партија Сириза, што се покажа и при минатонеделното усвојување на најновиот реформски пакет. Пред решавачкото гласање во парламентот оставка поднесе пратеникот на Сириза и поранешен владин портпарол Габриел Сакеларидис, со образложение дека веќе не е во состојба да ја поддржува владата. Тој и’ го врати мандатот на својата партија, па така го поштеди премиерот Ципрас од стравувањето дали ќе има сопствено мнозинство во парламентот.

Сосем поинаку постапи десниот популист Никос Никопулос од коалициониот партнер АНЕЛ, кој го задржа пратеничкиот статус, а гласаше против мерките за штедење. Така веројатно Ципрас во иднина ќе може да смета на мнозинство од само 153 од вкупно 300 пратеници во парламентот.