Грција: Уште едно стегање на ременот
19 мај 2017Новиот пакет мерки за штедење меѓу другото предвидува повторно кратење на пензиите и зголемување на даноците. Тој беше инициран од грчките кредитори - ЕУ и ММФ. За возврат, Грција треба да добие натамошни исплати од финансиската помош.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас од левичарската партија Сириза во својот говор пред парламентарците истакна дека мерките се тешки, но неопходни заради стабилизирање и опоравување на земјата. Владата очекува преку новите резови да бидат заштедени околу 4,5 милијарди евра.
Свеж капитал или отпис на долговите?
Високозадолжената земја на финансиски план сѐуште не стои на сопствени нозе. Пред Грција во јули да порамни долгови од седум милијарди евра, мора да земе нови кредити од ЕУ и ММФ. Министрите за финансии од еврозоната идната недела треба да донесат одлука дали ќе одобрат нови финансиски средства. Ципрас во парламентот изрази надеж дека новите мерки за штедење ќе го отворат патот и кон од неговата влада долго бараниот отпис на долгови: „По седум години криза, се надеваме дека конечно со кредиторите ќе постигнеме глобален договор, кој ќе опфаќа и должнички олеснувања.“ И ММФ бара ваков чекор, зашто смета дека на поинаков начин не е решлив проблемот со грчкиот огромен долг. Меѓутоа, германската влада решително се спротиставува на ваков потег.
Незадоволство поради кратењата
Во знак на протест поради најновите кратења, бројни Грци во текот на оваа недела излегоа на протести. Грчките бродски превозници штрајкуваат веќе четири дена, поради што грчките острови без аеродроми се практично отсечени од надворешниот свет. Синоќешните синдикални протести пред грчкиот парламент, кои почнаа мирно, подоцна ескалираа со фрлање молотови коктели врз полицијата, која пак реагираше со употреба на солзавец. Ситуацијата по неколку часа се смирила.