1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката влада ќе го отфрли предлогот за влез во НАТО со ПЈРМ

10 јули 2017

Идејата за влез во НАТО со акронимот ПЈРМ од Атина беше отфрлен во минатото и ќе биде одбиен во иднина. Но ако Скопје игра умно, тоа би можело да ја стави Атина под притисок, вели професорот од Атина, Димитрис Керидис.

https://p.dw.com/p/2gF3o
Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

ДВ: Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, беше во Атина. Што мислите – дали тоа беше повеќе политички спектакл или почеток на нови политички односи меѓу двете земји?

Димитрис Керидис: Само времето може да каже. Се надевам дека тоа ќе биде вториот дел од вашето прашање, но јас не би ја потценил потребата за некои јавни гестови кои би можеле да влијаат врз јавното мислење на позитивен начин.

Новата македонска влада со таканаречена „Дипломатија на шарм“ сака да гради нови односи со Грција и со Бугарија. Фактот дека министерот Димитров првата билатерална посета ја направи на Атина зборува доволно. Како се толкува тоа од грчката јавност и политичарите?

Позитивно. Но за да биде апсолутна искрена намерата, ќе биде потребно многу повеќе отколку посета. После сѐ, грчката политика беше креирана и зависеше од економската криза во последните седум години и не беше посветено многу внимание на Балканот.

Во една изјава за лондонски „Гардијан“ нагласивте дека Грција долго време комотно се криеше зад непопустливоста и националистичката реторика на поранешниот премиер Никола Груевски. Дали Грција сега треба да понуди нов пристап не само во преговорите за името, туку и во вкупните односи со Македонија?

Некои би можеле да речат дека Груевски и неговата непопустливост добро ѝ служеа на грчката надворешна политика. Многу странци ја обвинија ПЈР Македонија за ќорсокакот. Ако Скопје сега ги игра умно своите карти тоа би можело да ја стави Атина под одреден притисок.

Dimitris Keridis Mazedonien
Димитрис КеридисФотографија: Privat

Како може да се објасни овој парадокс: македонските граѓани гледаат во Грција како на најблиско и најубаво место за одмор и трговија, многу млади студираат на грчките универзитети, а политичките односи се лоши, како да не постојат. Дали проблем е само името или недовербата има повеќе нивоа?

Вие сте во право, што докажува колку лошо беа погрешно менаџирани политичките односи во минатото. Премногу долго му беше дозволено на минатото да ја киднапира иднината. Наместо да ги градиме нашите заеднички интереси ние дозволивме односите да бидат затруени и спорот да трае премногу долго

Новата македонска влада мисли дека постои можност под акронимот ПЈРМ да биде поканета во НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ. Мислите дека тоа е реална варијанта и дека грчката влада би се согласила?

Не, не мислам дека грчката влада може или ќе се согласи. Ова е стар предлог кој беше отфрлен во минатото и ќе биде одбиен во иднина. Прво спорот треба да биде решен без кратки патеки кои може да овозможат понатамошно труење на односите.

Премиерот Зоран Заев беше во Софија во прилично успешна посета. Македонија и Бугарија се на чекор да ги решат проблемите во меѓусебните односи. Дали договорот за добрососедство ќе ја остави Грција сама со блокадата во Брисел и тогаш ќе се зголеми притисокот врз неа?

Ова е реална можност која, како и да е, Грција е подготвена да ја прифати.

Дали евентуалната промена на имињата на автопатот кон Грција и на аеродромот во Скопје би се сфатила од грчката влада како знак на добра волја за решение на прашањето за името или таков чекор нема ништо да промени?

Тоа ќе биде многу позитивно и би требало да му се даде повеќе гласност за да стане подобро познато во Грција. Лошите вести патуваат брзо, а добрите вести често не се ни вести.

Што мислите - дали евентуалниот договор за Кипар може да биде катализатор за договор меѓу Скопје и Атина или двата проблема немаат политичка врска, освен што се замрзнати конфликти?

Се плашам дека за Кипар има долг пат пред да се стигне до решение. Кипар е навистина комплицирано прашање и неговото решавање вклучува некои деликатни уставни аранжмани. Спорот за името меѓу нашите две земји треба да биде поедноставен.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Првата билатерална посета на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров беше на Атина (14.06.2017)Фотографија: Reuters/C. Baltas

Како Грција гледа на тригодишната политичка криза во Македонија: како на ослабување на политичкиот „противник“ или како на сериозен проблем во соседството?

И двете. Но Грција долго поминува низ својата сопствена криза и се чувствува ослабена

Вие не сте политичар, но сте политички научник. Што би им сугерирале на политичарите – кој би бил првиот вистински чекор за да се постигне доверба меѓу двете земји?  

Прво, политичарите треба да разберат дека географијата не може да биде променета и дека сме обврзани да живееме еден покрај друг. И тогаш тие треба да мислат за идните генерации и на нивните интереси што значи работа, развој, стабилност и да бидат дел од Европа. Како прв чекор, тие треба да ги поттикнуваат контактите меѓу луѓето, особено меѓу лидерите на јавното мислење во двете земји.

Каква е грчката перцепција за Македонија? Дали преовладуваат предрасудите или незаинтересираноста?

Повторно, и двете. Повеќето Грци, особено на југот, не знаат многу за вашата земја. И, има многу предрасуди иако има дел од информираното јавно мислење кое е подготвено да ги придвижи нашите односи напред и подалеку од проблематичното минато. Има луѓе во Грција со силни гласови кои многу го поддржуваат можното зближување.

Димитрис Керидис е професор по меѓународна политика на Универзитетот Пантеон во Атина, заменик-директор на Институтот за надворешни односи во Атина, предавач на американскиот универзитет Харвард, познат телевизиски политички коментатор во Грција и влијателен глас во обликувањето на грчката надворешна политика. Тој е одличен познавач на национализмите на Балканот.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар