1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата во предизборна несигурност

Марианти Милона/ сн13 јануари 2015

Грчките партии се борат за избирачи ширејќи најцрни сценарија. Ветуваат дека ќе бараат поповолни кредити. Многу бизнисмени во оваа кризна земја од еврозоната се надеваат на подобра иднина по изборите- со или без еврото.

https://p.dw.com/p/1EIyG
Фотографија: DW/D. Grathwohl

70-годишниот бизнисмен Јоргос Цакмакис слуша радио и врти со главата. Спикерот на радио-станицата, блиска на владата, го плаши зборувајќи: ако на изборите не гласа за конзервативната партија Нова демократија, тогаш неговите деца ќе гладуваат, нема да му биде исплатена ни пензијата за наредниот месец, ЕУ во тој случај на Грција ќе и’ го запре приливот на пари.

Потполно поинакви информации стигнуваат до еден молер во срцето на Солун. Тој гледа независна ТВ станица која го информира за тоа дека Грција одамна не е тежок случај, еден вид економско буре барут и оти ЕУ не гледа веќе така на неа. Европските партнери и доверители во меѓувреме се подготвени повторно да преговараат за модели на исплата на кредити, се вели во прилогот и се додава дека луѓето во Германија знаат оти Грција со таков ригорозен режим на штедење не може да опстане на долги патеки, како ни дека не станува збор за тоа оти не може да привлече инвеститори во земјата.

„Не знаеме во што да веруваме“, вели Цакмакис. „Само знаеме дека владата нема уште еднаш да ни стави околувратник и да не шета наоколу како мечка.“

Symbolbild Griechenland Medien 2015
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Важно е нешто да се случува“

Слично како Јоргос Цакмакис во меѓувреме размислуваат многу бизнисмени во Грција, без разлика за која бранша се работи. „Во иднина може да ни биде само подобро“, е реченицата која постојано се слуша. И Цакмакис потекнува од едно конзервативно семејство. Сите биле заколнати симпатизери на конзервативната грчка партија Нова демократија на Андонис Самарас. Од кога знае за себе со неговата земја владееле или конзервативната партија Нова демократија или социјалистички Пасок. Во меѓувреме овој бизнисмен полага надеж во една „млада, се’ уште неизвалкана партија“ каков што е за него политичкиот блок Сириза. Поради тоа на изборите на 25. јануари сака да и’ го даде својот глас на таа партија. Исто е и со неговите деца, вработените и поголемиот број негови клиенти.

„Реалната економија тука се одвива на работна маса, секој ден“, вели Тсамакис. Кога навечер ќе пресмета колку заработил, тој добро знае дека никој во Европа од тоа не би можел да живее. „За мене новите избори значат пат во нова иднина. Сеедно дали во или надвор од еврозоната. Најважно е нешто да се случува!“

Во грчките весници се разгледуваат сите можни сценарија за промена на власта. Какви последици би можела да има победата на Сириза, која најави дека ќе го запре реформскиот курс на постоечката влада за да и’ помогне на разнишаната економија. Многу значење притоа се придава на изјавите од странство. Се пишува за тоа како Европејците ги оценуваат изборите во Грција, како реагираат финансиските пазари и какви прогнози дава Европската централна банка.

Со изненадување беше дочекана информацијата за тоа дека во Европа постојат сили, кои се подготвени да преговараат со новата влада за нови модели на исплатување на кредитите, односно за отпишување на долгот. Поголемиот број грчки експерти поради тоа доаѓаат до заклучокот дека актуелната влада со свесното ширење паника поради можното излегување на Грција од еврозоната си нанесува штета само себеси и на својот имиџ.

Symbolbild Griechenland Medien 2015
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Надеж во благ пад

За Манолис Влахојанис иднината на Грција изгледа секаква, само не розова. Економскиот стручњак од Економската и трговска комора во Солун со седиште во центарот на градот на можната претстојна промена на политичкиот курс гледа со скепса. Тој знае дека така не размислуваат сите негови колеги. Поради тоа, како што нагласува, сака само да го изрази својот сопствен страв. Манолис Влахојанис не е без надеж дека левиот сојуз Сириза би можел да постигне нови договори со ЕУ. Се плаши само дека новите преговори на долги патеки кај партнерите би можеле да предизвикаат недоверба и чувство на несериозност.

Влахојанис се надева дека неговата земја ќе доживее благ пад. Тој лично смета оти излегувањето на Грција од еврозоната, гледајќи долгорочно, е неизбежно. „На многу партери тоа нема да им се допадне бидејќи се плашат од домино-ефект. Но јас веќе не верувам дека тој процес може да се контролира“, заклучува Влахојанис.